Великодушни со туѓи пари – Пишува Роберт Димитриевски

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска обзнани дупка од 19 милиони евра во Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, колку што не им биле префрлени на 12.000 осигуреници во вториот пензиски фонд од 2007 до 2018 година. Оштетените да не берат гајле оти до јуни ќе им биле вратени сите пари, вети министерката.

Веднаш по неа пред јавноста излезе премиерот Зоран Заев со најава за отпис на долговите за електрична енергија од 110 милиони евра што 200.000 корисници ги направиле до 2006 година.

По нив ете ти го и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со ветување до лозарите дека државата ќе го подмири долгот од 1,5 милиони евра кон нив од приватни винарии за предаденото грозје од 2014 до 2016 година.

Заеднички именител за трите јавни настапи во само неколку дена е декларираната грижа на Владата за граѓаните, со акцент на тие со големи финансиски проблеми и со извршители на вратот. Толку се фини, хумани и великодушни што ќе бркнат колку и да треба во заедничката вреќа и ќе ги куртулат од маките кутрите граѓани заглавени во долгови. А, бе, да се расплачеш од ненадејнава ерупција на емоции од власта кон народот, на сочувство и емпатија. Солзи сами капат, прости ми…

Добро, бе, господа другари, до кога со истите финти? До кога, според принципот на колективна одговорност од старите „добри“ времиња на вашите идеолошки претходници, сите заедно ќе ги плаќаме пропустите, криминалот и долговите направени од неодговорни поединци? И тоа познати, со име и презиме.

Во секоја нормална држава две работи се неизбежни – да се умре и да се плати данок (давачки). Само во Македонија тие што не го прават второто се амнестираат, наместо да се казнат. Всушност, се казнуваат лојалните граѓани што редовно си ги исполнуваат обврските кон државата, тие што прво си ги плаќаат сметките, па до следната плата живеат со тоа што ќе им остане. Истовремено, преку нивниот грб некој одново и одново се прави паметен, свесно им се потсмева на сите додека без око да му трепне го крши законот и – никому ништо.

За ова ли се боревте кога ги шлакавте спомениците и фасадите додека да го кутнете омразениот „режим“? Неговите експоненти ги обвинувавте за популизам, а вашево што е? Владеење на правото, а? Сите ќе биле еднакви пред законот, нели? Или и ова ќе го оправдате како колатерална штета на патот кон светлата евроатлантска иднина? За мир в куќа, за додворување на коалицискиот партнер и на разочараните пред претседателските избори?

Жална Македонијо…

SHARE

2 Коментари

  1. samo gragjanska neposlusnost: NIEDNA SMETKA DA NE SE PLAKA, pa da se izborime za RAMNOPRAVNOST vo svoja drzava!
    Ili da si kupime energoefikasni kuki voAracinovo…

Оставете Коментар