Денеска е распишан јавнен повик за субвенционирање на инвертери за затоплување на домаќинствата на граѓаните, што беше најавено уште минатата година.

„Согласно со условите на овој јавен повик се отвора можноста за над 5.000 граѓани на Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер-уред, но не поголема од 62.000 денари во нето-износ“ соопшти портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Право да учествуваат на повикот имаат сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење.

Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1.1.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата“, објасни Салиху

Тој додаде дека на овој повик новитет е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена.

Субвенциите за инвертери се дел од мерките предвидени со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кои Владата ги најави уште во октомври минатата година. Согласно одлука на Владата , донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари.

Освен за Скопје, Владата донесе одлука за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во општините Битола, Кичево и Тетово како општини каде е најголемо загадувањето на воздухот.

SHARE