Виктор Давидовски прв Македонец во шампионатот на ТЦР Европа

Македонскиот возач Виктор Давидовски со својата „хонда сивик тајп-Р ФК7“ ќе се натпреварува во серијата на ТЦР Европа за 2018 година како дел од тимот на ПСС.

„Многу сум горд и почестен што ќе бидам првиот возач од Република Македонија што ќе влезе во серијата на ТЦР Европа“, изјави Давидовски за официјалната вебстраница на ова автомобилско натпреварување.

„Мојот тим и јас со нетрпение чекаме да се натпреваруваме со сите други големи возачи и да се покажеме во најдобро светло. Бидејќи ова е наша прва сезона во ТЦР, очекуваме да биде тешка. Но, ќе се фокусираме на нашиот потенцијал и ќе ја искористиме оваа можност за стекнување искуство“, додаде тој.

Настапот во европскиот туринг шампионат е значаен исчекор во кариерата на Давидовски, кој досега има победувано во националните шампионати на Македонија и на Србија. Дебитантот во ТЦР, кој првпат седна зад воланот на ТЦР-автомобил во „сеат леон“ во Спа Франкошан минатата година, има освојувано титули и на кружни и на ридско-брзински трки меѓу 1998 и 2017 година.

Годинашната сезона во ТЦР серијата ќе стартува на 5/6 мај на патеката „Пол Рикар“ во Франција. Следуваат Зандворт (Холандија) 19-21 мај, Спа Франкошан (Белгија) 9-10 јуни, Хунгароринг (Унгарија) 7-8 јули, Асен (Холандија) 18-19 август, Монца (Италија) 22-23 септември и Барселона (Шпанија) 20-21 октомври.