Виновни сме и што Макрон ги блокира, а и папата им го донесовме, вели бугарски член на комисијата

Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски и образовни прашања, за тамошната телевизија БТВ го коментира застојот во нејзината работа поради изборите во Македонија на 12 април распишани по француското вето за старт на преговорите со Европска унија.

„Бугарија направи сè што е можно, дури и невозможното, за да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија да тргне кон НАТО и ЕУ, но таму расположението е поинакво. Ние сме најлошите и сме виновни за тоа што Макрон ги блокира“, изјави Топалов.

„Нашата политика за Западен Балкан го постави прашањето за Северна Македонија. Дури и посетата на папата, исто така, беше во духот на овие нови односи – особено ставот и политиката на Бугарија кон Северна Македонија. За да го посети и Скопје, Ватикан е целосно свесен дека ние со Македонците имаме сложена историја. Веројатно, причината папата да ја посети Северна Македонија беше и ставот на премиерот Бојко Борисов, кој при својата последна посета на Ватикан по повод Кирил и Методиј рече: ‘Ние многу би сакале, многу би ве замолиле да ја посетите и Македонија’. И тогаш папата направи гест: извади едно тефтерче, запиша нешто и го стави во џебот, што значеше дека тој сериозно го сфаќа овој предлог, т.е. ние дури и папата им го донесовме“, дополни поранешниот бугарски амбасадор во Грција.

Според професорот по историја на литературата, нештата тешко ќе се променат бидејќи во Македонија во последните 75 години растат генерации што методично и систематски се обработувани во антибугаризам.

„Првата реченица во нивните учебници во лекцијата за Бугарија е: ‘Бугарите се номадско племе, кое се занимавало со грабеж, по потекло Турко-Татаро-Монголи. Во една реченица 4-5 нешта: ‘племе, а не народ, грабливци, номади, Турци, Татари, Монголи’. Како сакате јавноста на Северна Македонија да биде настроена и подготвена да прифати некои нешта што треба да ги прифати?“, прашува Топалов.

SHARE