Вишото обвинителство одолговлекува за Поткуп

Се уште нема датум за рочиште на кое Апелациониот суд во Скопје ќе одлучува по жалбата на обвинителството за организиран криминал и корупција, кое бара осудителна наместо ослободителна пресуда за Зоран Заев во случајот „Поткуп“.
Од судот како причина за одолговлекувањето наведуваат дека Вишото обвинителство се уште не доставило мислење до судот.
Првостепениот суд донесе ослободителна пресуда за премиерот Заев на 21-ви мај годинава. Тој беше обвинет дека како градоначалник на Струмица, побарал поткуп од струмички бизнисмен, за да му овозможи да купи државно земјиште по поволни удлови.
Иако Јавното обвинителство на ваквата пресуда поднело жалба уште на 12 јули, со барање предметот да се врати пред првостепениот суд, а до 27 јули биле завршени сите процедури и предметот бил испратен до Апелациониот суд, тие не можат да реагираат додека не добијат мислење од Вишото обвинителство. Од таму досега нема никаков одговор.

Скопското Вишо обвинителство речиси две години функционира без легално избран јавен обвинител. Сегашниот вршител на должноста нема потребен број на години за да конкурира на таа позиција, но сепак ја извршува функцијата. Нов шеф не се избира, иако за тоа имаше распишан конкурс, на кој беа пријавени неколку кандидати кои ги исполнуваат условите.