„Виз ер“ се подготвува за експанзија со осум нови линии од Македонија

Авиокомпанијата „Виз ер“ се подготвува за лансирање на својата прва од осумте нови дестинации од Македонија за нешто повеќе од една недела, истовремено зголемувајќи ги капацитетите и надградувајќи одредени правци.

Сите осум нови линии ќе функционираат цела година. Сезонските летови од Скопје до Барселона, како и од Охрид до Лондон (Лутон), кои ќе продолжат ова лето по петмесечна пауза, повторно ќе бидат во функција во текот на целата година, со два лета неделно планирани на двете рути за зимата 2019/2020.

Покрај тоа, нискобуџетната авиокомпанија ги зголеми капацитетите за претстојната нова линија меѓу Скопје и Ларнака, која треба да стартува на 3 јули. За летовите сега ќе се користи поголемиот авион „Ербас А321“ со 230 места, наместо првично планираниот „А320“ со 180. Меѓу македонскиот главен град и кипарскиот град ќе се лета два пати неделно, секоја среда и недела.

Како што претходно беше објавено, „Виз ер“ ќе ја зголеми и фреквенцијата на своите постоечки линии. Авиокомпанијата ќе додаде дополнителен неделен лет од Скопје до Гетеборг, Хамбург, Келн и Малта, а операциите до Базел ќе бидат зголемени за дополнителни три лета неделно на вкупно десет седмично. Растот ќе го овозможи користењето петти авион, „А320“, во скопската база ова лето.

„Понатамошното проширување на нашите македонски операции значи дека ‘Виз ер’ може да обезбеди уште повеќе можности за македонските клиенти да патуваат низ Европа по најниски цени. Уверени сме дека нашите клиенти ќе ги ценат нашите нови врски и дека овие правци ќе бидат толку популарни како и другите 30 во нашата македонска мрежа“, го цитира „Ексјуавиејшн“ главниот комерцијален директор на ‘Виз Ер’, Јорго Михалопулос.

Осумте нови правци што ги нуди нискобуџетниот оператор од Македонија ова лето ќе донесе дополнителни 200.000 седишта на пазарот. Како резултат на тоа, „Виз ер“ има над 1,9 милиони места на продажба од и до земјата оваа година.

„Виз ер“ превезе преку 1,4 милиони патници на своите летови од и кон Македонија во 2018 година, што претставува раст од 14,4 проценти во однос на претходната година. Авиокомпанијата имаше пазарен удел од 62 отсто, а во 2018 година на неа отпаднаа 85 отсто од сите патници кои патувале со нискобуџетни превозници во Македонија.