Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е на став дека под итно треба да се заштитат сите објекти од модерната архитектура кои нелегално се рефасадирани со барокни фасади во Скопје.

„Нашиот став е всушност барање до Владата под итно да ги стави под заштита објектите од модерната во Скопје, со тоа што за оние кои беа мета на проектот ’Скопје 2014’, а тоа се Владата, ЕВН, Стоковна куќа, телекомуникацискиот центар, да се донесе одлука за нивно враќање во оригиналниот изглед. Бараме и ГТЦ да се стави под заштита, без зелениот покрив.

Со заштитата се дефинира што може понатаму да се прави со овој објект, притоа имајќи предвид дека во оригиналното решение на проектантите има зелени градини во ГТЦ“, изјави архитектот Мартин Пановски, претседател на ААМ, за „Макфакс“.

Архитектите бараат под итно да се смени Законот за јавни набавки, да се измени Законот за градба чија подготовка е во процедура, да се донесе Закон за архитектура.

Последното барање на ААМ е Министерството за транспорт да се врати по старо и да биде Министерство за урбанизам и градежништво.

SHARE