Владата ја откажа кампањата за рекламирање на европските вредности откако на 18 oктомври и по француското вето не беше добиен датум за отпочнување преговори со Европската унија.

Членовите на владиниот кабинет биле оптимисти дека Европа ќе одлучи позитивно по препораката на Европскиот парламент за конечно започнување преговори за членство, па на 8 октомври годинава на 156 тата владина седница одлучиле да спроведат кампања за промоција на европските вредности вредна 20 милиони денари или 325 илјади евра, дознава ИРЛ.

Во записникот од 156-тата седница меѓу другото се вели дека  „Владата ќе организира и спроведе серија активности за подигање на јавната свест и промоција на европските вредности и придобивките кои државата ќе ги почувствува од членството во Европската Унија, за време на преговорите.

Преку серијата комуникациски активности ќе се испрати пораката дека за Република Северна Македонија оваа одлука претставува национален успех на сите генерации од независноста до денес, успех преку кој ќе може да се постигне подолготрајна мотивација на граѓаните и особено на младите да бидат ангажирани во процесите на подобрување на општественото живеење и мотивација граѓаните и младите да ја видат шансата во својата држава“.

SHARE