Владата се судри со Венецијанската комисија за законот за јазици

Македонските власти побарале од најважната европска експертска институција да ја одложи расправата за мислењето за македонскиот закон за јазици, дознава телевизијата Алфа.

Во прелиминарниот извештај на венецијанската комисија кој беше објавен завчера се вели дека целосното спроведување на законот за јазици ќе го загрози функционирањето на целиот судски систем и наметнува нереални правни обврски за судовите.

Официјално од прес службата на Венецијанската комисија за Алфа потврдиле дека расправата за македонскиот закон за јазици се одложува на барање на македонската влада и дека оттаму треба да се бараат одговори зошто дошло до двомесечно поместување на датумот.

Веднаш по објавување на извештајот владата се обиде да ги минимизира заклучоците на комисијата, но според извори на Алфа еден од највисоките владини функционери отишол чекор понатаму и од Венецијанската комисија побарал наместо на 18 октомври, расправата за официјализирање на мислењето да се одложи до средината на декември.

Дел од членовите на комисијата велат дека се работи за невообичаено барање, но не сакаат да откријат кои биле аргументите на македонскиот владин претставник. Алфа ја прашала и Владата зошто било побарано одложување на расправата за законот за јазиците, но добиле само штур одговор дека нема да коментираат се додека не ја добијат конечната верзија на мислењето.