Владиците бесни, Владата ја „цензурирала“ честитката од г.г. Стефан и МПЦ-ОА!

Црковни претставници се шокирани од начинот на кој Владата го презентирала писмото што архиепископот Стефан го испратил до неа, во кое МПЦ-ОА честита една година од формирањето на Владата.

Високите црковни претставници не можат да разберат зошто Владата во јавноста презентирала само дел од ставовите забележани во писмото, односно тоа е цензурирано и не е објавено целосно.

Владата од г.г. Стефан добила допис дека МПЦ останува на ставот за непромена на уставното име!

Во ниту една вест поврзана со писмото не е објавен овој пасус од писмото, што за МПЦ-ОА е груб обид за манипулација.

Двајца високи претставници на МПЦ (еден владика и еден близок соработник на архиепископот), кои ја забележале манипулацијата, најавиле остра реакција во јавноста, но авторот на писмото, архиепископот Стефан, побарал да не се отвора фронт со Владата во овие комплицирани времиња и дека ќе има и други можности Црквата да го објасни својот став за името.

Државната агенција МИА вчера пренесе брифинг од Владата за писмото во кое што го нема ставот за неменување на уставното име на Македонија.

Медиумски извори тврдат дека брифингот е добиен од страна на советник на премиерот и дека медиумите не го изоставиле, туку Владата го премолчела делот во кој се вели дека МПЦ-ОА е против промена на уставното име.

МПЦ-ОА досега не го објавила целото писмо во јавноста.

Објавата во медиумите според брифингот од Владата:

Архиепископот на Македoнската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, упати честитка до премиерот Зоран Заев, по повод годишнината од формирањето на Владата на Република Макеоднија.
Во честитката, Архиепископот на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан, од свое име и од име на Архиерејскиот синод и свештенството во Македонија, на премиерот Заев и на Владата им посака успех во раководењето и мудрост во донесувањето на правилните одлуки, во, како што се вели во писмото „овие времиња на многу искушенија, а за доброто на сите во Република Македонија“.

Премиерот Заев, како што информираат од владината прес-служба, изразил благодарност и уверување дека меѓусебното разбирање, ќе донесе само добри плодови за единството и поубавата иднина на сите граѓани на Република Македонија.

„Мене како премиер и на министрите на македонската Влада ни претставува чест што стоите зад визиите за единствена и европска Република Македонија и со Вашата мудрост ги препознавате процесите кои носат подобар живот на сите наши граѓани“, напишал премиерот Заев во писмото до неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

*Дозволено е преземање на најмногу 30 отсто од текстовите на expres.mk со наведување на хиперлинк до оригиналот на текстот. Порталот води документација за сите прекршувања на овие услови и ќе преземе соодветни правни мерки.