Влатко Македонски – Пишува Роберт Димитриевски

Влатко Лозаноски покажа како. Со мал гест, но на отворена сцена и пред голем аудиториум, ѝ зададе уште еден удар на „Северна“. Во време кога на неговиот македонски народ му се оспорува дури и јазикот, тој на чист македонски среде Белград обзнани дека „тоа е Македонија, а не со тој додаток“, не сакајќи дури ни да го изговори.

И веднаш ги освои срцата на Македонците. Над 24 илјади лајка за само 19 часа од објавувањето на информацијата на expres.mk за настапот на популарниот Лозано на „Music Award Ceremony 2020“ кажуваат сè за тоа колку неговите сонародници го прифаќаат новото име на државата. Плус, колку само медиуми, групи и лични профили на социјалните мрежи го споделија видеото, размножувајќи ја пораката на кичевчанецот за името на неговата татковина со кое се идентификува и што му е при срцето на неговиот народ.

А пораката на Влатко што толку силно одекна е вонвременска и се вика – љубов. Љубов кон тоа кој си, што си, од каде си и кому припаѓаш. И тоа луѓето непогрешливо го препознаваат и не попусто го почитуваат како врвен идеал на нивната заедница. Така е долж сите меридијани и паралели, така е и во Македонија.

Неколкуте изговорени реченици набиени со патриотизам по добивањето на признанието за најдобра поп фолк нумера само ја надополнија сликата за новиот миленик на нацијата, чии контури се наѕираа уште со неговото одбивање да настапи на „НАТО-фест“. Со тоа си ја стави на ризик својата музичка кариера во држава со власт која папагалски ја рецитира „Северна“ и се натпреварува кој повеќе ќе ја изговори во една реченица. Но, Лозано бездруго е свесен за тоа и пак застана на браникот на својата татковина, колку тоа некому да му звучи патетично.

За разлика од некои музичар(к)и, кои со државни пари настапуваа на европска, а во суштина глобална сцена, па кога ги прашаа како се чувствуваат како први претставници на „Северна“ лаконски одговорија дека нив промената на името не ги допира оти, пази богати, биле граѓан(к)и на светот?! Па, потоа се чудат што симпатиите на обичните, но и на помалку обичните луѓе, ги освојуваат „таквите како“ Влатко Лозаноски, чија едноставна девиза е дека, за да го сакаш светот, прво треба да се (за)сакаш себеси.

SHARE