Во Австралија почна судење на Македонка обвинета за убиство на мајка си

Симона Зафировска се изјасни дека не е виновна за убиството на нејзината 54-годишна мајка Радица Зафировска на денешниот почеток на судењето во Врховниот суд во Бризбен.

Осомничената Македонка тврди дека тоа е дело на провалници што влегле во нивниот заеднички дом и ѝ нанеле на жртвата фатални удари со тврд предмет по главата во октомври 2016 година.

Во својот воведен збор обвинителот Дејвид Мередит пред Судот рече дека Симона употребила предмет од вештачко дрво за да ја удри жената. Тој бил најден во нејзината спална соба со свежа крв од мајка ѝ, која, според обвинителот, изгледа дека спиела во својот кревет пред да биде нападната.

„Никој не ја видел обвинетата како ја убива мајка си и таа никогаш не го призна тоа“, изјави Мередит пред судот. „Идентитетот на убиецот е вистинското прашање во ова судење“.

Сепак, обвинителот смета дека Симона имала мотив да ја убие мајка си, која ѝ се заканила дека ќе престане да ѝ дава пари ако замине во Македонија за да биде со своето момче. Обвинетата контактирала со туристички агенции за резервација на авионски билет во бизнис класа до Македонија со прекумерен багаж и му кажала на персоналот дека ќе се сели таму.

Потоа поротата ја ислуша 20-минутната снимка од телефонскиот повик на Симона до бројот за итни случаи (000). На операторот му рекла дека е во својата соба, дека чула чекори по дрвениот под, дека не знае дали провалниците влегле од предниот или од задниот дел од куќата, дека дома се таа, мајка ѝ и кучето, од чие лаење се разбудила.

Судењето ќе продолжи во следните три недели и на него се очекува да се појават повеќе од 60 сведоци.

SHARE