Во која држава дојде Мета во Дебар: Македонија или Албанија?

Според Виенската конвенција за дипломатски односи, албанскиот преѕседател Илир Мета направил тежок дипломатски скандал затоа што според објавените фотографии од организаторот за време на официјален настан со локални претставници во Дебарско го немало македонското знаме согласно македонските закони.

Мета односно неговиот државен протокол на Албанија не смеел да дозволи јавни настапи на албанскиот претседател само пред албанското знаме без веднаш до него во поголем формат да се вее и знамето на земјата домаќин Македонија.

Дипломатскиот инцидент според Виенската конвенција може да се толкува дека Мета испраќа сигнали со кои ја спори државната територија на Македонија.

Инцидентот за кој се виновни пред се локалните власти во Дебар кои соодветно не го поставиле македонското државно знаме се случува во моменти кога Бугарија ја блокира Македонија на патот кон ЕУ а Грција бара целосно спроведување на Преспанскиот договор пред да потпише неколку билатерални договори.

„Најприоритетно нешто е да го сочуваме соживотот меѓу Албанците и претставниците на другите етнички заедници тука, да придонесеме за економски развој, што ќе значи отворање нови работни места а со тоа и задржување на младите во родниот крај. Депопулацијата, како овде, така и во Албанија е болно прашање, на кое треба да му ставиме крај. Евроинтеграциите за двете земји се од огромно значење, за што се надеваме дека ќе има позитвен тек“, рече Мета на настан на кој од сценографијата не може точно да се види во која држава се случил затоа што македонското знаме е поставено подалеку од бината заедно со неколку други знамиња да се почитуваат законските одредби законот за поставување на знамињата на етничките заедници.

На свечената академија во Дебар покрај Мета говореа и собранискиот спикер, Талат Џафери, градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Законот за употреба на знамињата на заедниците е јасен и прецизен:

Заедниците во Република Македонија, знамето со кое ги изразуваат својот идентитет и особеностите, го употребуваат во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со овој закон. Советот на единицата на локалната самоуправа носи одлука за употребата на знамето во јавниот и службениот живот“, се пропишува во Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија.

Во единицата на локалната самоуправа, се пропишува понатаму во Законот, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница.

Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа, пред и во објектите на од јавен и локален карактер јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа, на улиците, плоштадите покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на таа заедница:

– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон;

– во денови на празници на заедниците;

– во денови на општински празници утврдени со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа;

– при официјално доаѓање на висок претставник на меѓународната заедница и

– во денови на одржување на манифестации од локален и меѓународен карактер.

Во единицата на локалната самоуправа, се вели во Законот, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа согласно, доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија:

– при мултилатерални настани, натпревари и други собири (јавни, научни, културно-уметнички, спортски и други), на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржување на тие собири и

– при прослави, свечености и други јавни културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за единицата на локалната самоуправа.

Во овие случаи, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Припадниците на заедниците во Република Македонија знамето преку кое го изразуваат својот идентитет и особеностите имаат право да го употребуваат во приватниот живот и при одржувањето на културни, спортски и други приредби што ги организираат припадниците на заедниците во Република Македонија.

Начин на истакнување на знамињата на заедниците

Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат на следниов начин кога:

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата и знамето на единицата на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме;

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано однапред, од знамето на Република Македонија и

– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот.

Знамето на Република Македонија, се пропишува во Законот, се истакнува со други знамиња согласно со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

SHARE