Во колку часот е аплаузот за Филипче? – Пишува Роберт Димитриевски

Ма, браво! Додека многу земји најавуваат враќање на рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот, а Светската здравствена организација предупредува дека сè уште сме на почетокот од пандемијата, Македонија се промовира во „коронафрендли“ дестинација. Од утре на полноќ ги отвора границите за слободен влез во државата, а од 1 јули и аеродромите. И тоа во услови на трицифрен број новозаразени и (речиси) двоцифрен број на починати секој ден од почетокот на јуни?!

Плус, Комисијата за заразни болести демантира дека дала препорака „сега и веднаш“ да се стори тоа, туку дополнително да се разговара за датумот. А за отворање на теретаните, на трговските центри и в недела, како и на внатрешноста на угостителските објекти не станало ни збор, велат од Комисијата.

Што може да се заклучи од ова? Три работи. Прво, во рамките на „новата нормалност“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, според кој вирусот слабеел, власта се обидува да испрати порака дека нема никаква пречка да се одржат изборите на 15 јули. Второ, секоја власт што организира избори е во предност при мала излезеност на гласачите, а дозволувањето влез во државата без ПЦР-тест и 14-дневна изолација дополнително ќе ги расколеба тие што се двоумат дали да се стават во ризик со излегување на избирачките места. И трето, со целосната либерализација на движењето и на граничните премини им се излегува пресрет на владините партнери од ДУИ за слободен влез на „печалбарите“, а во суштина на сопствениците на по неколку пасоши, кои учествуваат во изборот на власта и во Косово, Албанија, Црна Гора и Србија, покрај во Македонија.

Враќајќи се на чисто здравствениот аспект на оваа одлука на Владата, излегува дека таа го избрала шведскиот модел: остави ги луѓето слободно да се мешаат, па кој ќе преживее – ќе раскажува. Како изгледа тоа, зборуваат бројките: нордиската земја со 10 милиони жители има регистрирано безмалку 61.000 позитивни на Ковид-19 и 5.161 починати. Арно ама, здравствениот систем и животниот стандард во Шведска се неспоредливи со тие во Македонија, па за неа шведскиот начин на справување со коронавирусот повеќе би наликувал на самоубиство во обид, отколку на паметен избор.

Но, власта во Македонија, очигледно, не се притресува поради укажувањата на здравствените експерти штом им ги задоволува хировите, прво на експоглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, за Бајрам, и сега на вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи. Штом е така, чуму ни се комисија за заразни болести и министерство за здравство? Прогласувачот на вирусот за мртов и контролорот на двојазичноста, заедно со експремиерот и од неодамна „вирусолог“, покрај сите други таленти што ги поседува, нека ја поведат битката со короната и – Господ нека ни е на помош.

Како, бе, не се сети некој порано на ова додека гмиждевме меѓу четири ѕида во продолжените викенди за Велигден, за 1 Мај и за Задушница? Ем не ќе мораше Нина да нè задолжува со 1,2 милијарди евра, ем слободно ќе се коцкавме, ем немаше да мораме да пробуваме гаќи во тоалетите на „Сити мол“, ем ќе кркавме скара под ладовина внатре во кафеаните, ем немаше да се тепаме за тоалетна хартија во продавниците…

Па, што ако во таква ситуација би крахирал здравствениот систем и би имало многу повеќе починати? Боже мој. Зарем некој од овие што од уста не ја вадат „нашата земја“ уште се заморува со бројките? Или, не дај Боже, оти ќе се намалело населението што можело уште да поживее да не била короната? И онака никој жив не знае (или не сака да каже) колку сме во моментов, со оглед на тоа дека попис не е направен од 2002 година наваму…

Туку, се расприкажавме како сосетки преку плот, а наближува времето за излегување на балкон на Лиде Лиде и компанија. Во колку часот беше аплаузот за Филипче?

SHARE