Во МНР се претерало со репресија, министерот е предупреден

Претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат Зоран Дабиќ открива дека институциите го информирале министерот за надворешни работи Никола Димитров дека се претерува со репресии на политичка основа во дипломатијата.

Во колумна за Нова Македонија Дабиќ зборува и за огромниот број тужби кои професионалците ги покренале против МНР.

“Последните неколку месеци нашиот синдикат води голема борба за повлекување на новиот предлог-закон за надворешни работи. За причините повеќепати сме ја известувале јавноста.

Неговото конспиративно подготвување од тесен круг луѓе, отсуството на јавна и внатрешна дебата до неговото објавување, масовното несогласување на вработените и форсирањето на раководството законот да се донесе по секоја цена го наметнуваат прашањето кому таквиот закон му одговара и каква ќе биде иднината на македонската дипломатија уредувана со непосакуван закон.

Во Министерството за надворешни работи последните неколку години се спроведува политика на цврста рака. Бркањата од работа, масовните деградирања и мобингот станаа, за жал, дел од нашето секојдневие, а бројот на жалби и судски тужби против сопствената куќа достигнува бројки што се без преседан. Слушнавме дека и на министерот дискретно му било укажано од надлежни органи дека се претерало со репресијата.

Предлог-текстот на законот ја продолжува тенденцијата дипломатијата да се држи под цврста контрола. Концентрацијата на власт што тој му ја дава на министерот само дополнително би ја зацементирала неприкосновената моќ на министерот врз статусот и кариерите на вработените.

Згора на тоа, во согласност со понудените решенија во предлог-текстот, би му дало и можност непосредно или преку колегиумот избран од него да влијае врз фундаменталните права што произлегуваат од работниот однос и со тоа да се замешува во приватните животи.

Имено, со новиот предлог-закон, македонската дипломатијата би требало да „излезе“ од јавната администрација и со тоа да ја изгуби компонентата на легислативната заштита што оди со административниот статус, за сметка на влез на непозната територија, каде што системот ќе функционира арбитрарно”, пишува Дабиќ.

Целата колумна на овој ЛИНК

SHARE