Во СЈО сепак се бришени компјутерски логови, важни за истрагата за ,,Рекет”

Специјалното јавно обвинителство признало дека веќе се избришани неколку компјутери во оваа институција и дека процесот е запрен „за да се оттргнат сомнежите за какви било други мотиви“.

Ова е содржано во писмениот одговор што емисијата „360 Степени“ на Алсат М го добила денеска откако по претходно добиени дополнителни сознанија за тоа што се случувало во СЈО во изминатите денови и недели, претпладнето испратиле неколку прашања до ова обвинителство.

СЈО во саботата демантираше дека е издадена наредба за бришење компјутери што беше реакција на текстот на „360 Степени“ под наслов „Катица Јанева наредила ‚форензичко бришење’ на компјутерите во СЈО“.

Денеска 360 објавува детали за комуникацијата со СЈО

“Што прашавме, што одговори СЈО

Ова се прашањата што утрото ги упативме до прес-службата во СЈО:

Дали се форматирани компјутери на вработени во СЈО, колку и на каков начин е извршено форматирање?

Од кои причини е тоа направено и дали се зачувани одредени податоци и документација?

Дали е отповикана одлуката за форматирање на сите компјутери?

Кој ги носи одлуките за ваков тип активности и дали без знаење на Катица Јанева може вакво нешто да се преземе?

Дали е точно дека вработените биле известени преку порака од ИТ-одделението за фактот дека ќе се врши форматирање на компјутерите?

Наместо поедничени одговори на прашањата, добивме сублимиран одговор што го пренесуваме во целост:

„Во насока на зголемување на информатичката безбедност на целокупните електронски податоци со кои располага ова ЈО, имајќи предвид дека привршува процесот на преслушување на разговорите од незаконското следење на комуникациите, беа преземени активности со кои сите податоци од значење за работењето на ова ЈО и разумната потреба за архивирање, беа бекапирани и обезбедени. Воедно беше извршено форматирање на неколку компјутери на стручната служба со цел безбедносно отстранување на евентуално зачувани разговори на нивните компјутери. Ваквиот процес беше запрен за да се оттргнат сомненијата за било какви други мотиви на делување. Ве уверуваме дека стануваше збор за активности од безбедносен карактер кои беа планирани од претходно и за кои беа известени и вработените во СЈО. Сакаме да појасниме дека и во минатото се случувало да бидат преземени вакви мерки поради организациони причини“, одговараат од СЈО за 360 степени.

Според емисијата во СЈО биле форматирани повеќе компјутери на стручни соработници

Сознанија на 360 велат дека со форматирањето, во првиот бран, биле опфатени повеќе компјутери на, како што се наведува и во денешниот одговор од СЈО, стручни соработници во обвинителството, а следни на ред биле машините на кои работеле истражителите и обвинителите. Бришењето се случило минатата недела, најверојатно во петокот (26 јули), а по алармот од загрижени вработени што за време на викендот (27 и 28 јули) го пренесе „360 Степени“, операцијата вчера (29 јули) е стопирана. Запирањето, како и отпочнувањето на „чистењето“, не можело да биде без знаење на Катица Јанева.

Како што веќе објави „360 Степени“, со бришењето воопшто не биле зафатени документите сместени на тие компјутери, на што се однесуваше демантот на СЈО во саботата. Но, неповратно се избришани информациите за „сообраќајот“ – кој, кога и што работел на тие машини. Истото ќе се случело и со другите компјутери, ако операцијата продолжеше.

Целата информација на 360 степени на овој линк

SHARE