Време е за Македонец премиер на Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Време е за Македонец премиер на Македонија. Pse jo? Или „зошто да не“, што би рекле интегративците на Али, кои на скопското Кале испишаа светлечка порака дека било време за прв Албанец претседател на македонската Влада.

Не да е време, туку можеби сега е и последната шанса Македонец (со големо „М“) да ја преземе извршната власт и прво да го запре тркалото што ја (з)гмечи Македонија, а потоа и да го насочи во посакуваниот правец. За таа ѓаволски тешка задача е потребен Македонец во највистинската смисла на зборот. Човек што, прво и основно, чувствува нешто за ова парче земја и за својот народ. И, исполнувајќи го овој елементарен предуслов, кон нив ќе се однесува како кон нешто свето, нешто создадено со крв и пот и низ безброј премрежиња на оваа балканска ветрометина, а не како кон бишкарник, па бил тој и на Мирчо.

На Македонија насушно ѝ треба премиер што ќе ги почитува нејзините државни и национални симболи, а не да ги игнорира, да селектира дел од нив што му одговара или да ги прогонува. Премиер на кој нема да му биде незгодно, туку гордост, да ѝ го кажува името со кое се идентификува мнозинскиот народ, наместо да користи еуфемизми од типот на „нашата земја“, „нашиот народ“, „граѓаните“, „Армијата“ итн. Владин шеф што нема да прекорува соработници што не ја изговориле по десетина пати наметнатата географска одредница во една реченица.

Македонија просто плаче за премиер што ќе го слуша гласот на народот, посебно ако тој е јасно и недвосмислено изразен на референдум, макар и со бојкот. Кој нема да си поигрува, уште помалку да ја раздава историјата на македонскиот народ, а најмалку најистакнатите личности, чии имиња ги носи безмалку секој втор-трет Македонец. Кој ќе им стави крај на понижувањата, на себепремолчувањето, на омаловажувањата по секаква основа.

На Македонија ѝ е неопходен премиер што ќе ја прекине дефанзивата на речиси сите полиња и што ќе премине во офанзива со планината аргументи на македонска страна. Премиер што ќе излезе со јасен став, што ќе ја артикулира позицијата на огромното мнозинство во државата, што ќе го искористи и членството во меѓународните сојузи и организации, пријателството на блиските народи и на нивните водачи, во остварувањето на државниот и на националниот интерес. Лидер што ќе ги застапува првенствено сопствените народ и држава и нема да им се додворува на другите за сметка на своите сонародници и сограѓани.

Македонија не заслужува човек што ќе ја срами кај што ќе стигне со скудно познавање на меѓународните односи и на дипломатијата. Што ќе говори странски јазици во стилот „хтела реќи, не знала казати“ или „ноу дискасити фор ајдентити“. Што ќе ги доведува својата земја и народ во подредена положба во однос на други држави, а за сопствена корист или поради недостиг на личен интегритет. Што наместо скопска, македонска платформа, ќе спроведува тиранска или не знам каква. Што безочно ќе лаже додека се удира во градите „јуначки“ и се колне во сопствените деца и во македонскиот воздух што го диши дека нема да го направи тоа што го (на)прави.

Конечно, на Македонија ѝ е потребен премиер што ќе ја избави од економската пустош, што ќе создаде клима за нови странски инвестиции и што нема да питачи кај граѓаните да донираат во буџетот поради неспособноста да го (на)полни и во време на светска криза. Премиер што среде пандемија нема да слуша верски поглавари и тесногради политичари вкопани во националниот ров, ами компетентни лица, а ако нема такви во државата, ќе ги повика од таму кај што ги има, заедно со помошта од земји што можат и што сакаат да помогнат. Премиер што ќе признае дека згрешил, ќе побара прошка и ќе се поправи, наместо да го прави спротивното, само за да не си ја прифати вината за погрешната одлука или за несоодветниот избор на кадри.

Кому сето ова му звучи премногу идеалистички, па дури и нереално во дадената констелација на односите во и околу Македонија, нека подразмисли за барањето на ДУИ за премиер Албанец. На прв поглед, и тоа изгледа неостварливо (ако Заев не е во позиција да решава), но двојазичноста на целата територија на државата е последната потврда дека ништо не е невозможно во однос на амбициите на политичките претставници на најголемото малцинство во Македонија.

Најмалку што можат Македонците и нивните политички партии да сторат е да се угледаат токму на Албанците во наметнувањето на сопствената идеја и во непоколебливоста во нејзиното туркање додека не ја остварат. Ако тоа не им е поука, бадијала секаква понатамошна дискусија околу констатацијата дека време е за (вистински) Македонец премиер на Македонија.

SHARE