Вртоглави понуди за пратеници, ВМРО-ДПМНЕ не се враќа на власт по секоја цена

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека на пратениците од неговата партија им се нуделе огромни суми за да го поддржат планот за формирање на влада на СДСМ. Тој ги знае имињата на засега непознатите ликови кои им нуделе пари на пратениците, но се уште не ги обелоденува.

„Не би сакал сега јавно да зборувам за имињата на тие лица, тоа би било многу несериозно. Врз основа на сведочењата на луѓето на кои им е пристапено, јас само предупредив дека лица пришле на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е нормално. Нормално е да се пристапи, да се рече видете ваква програма нуди СДСМ, но шест-седум цифрени бројки во странска валута и ветувања за привилегии, со понуда дека утре ви е обезбедена средба со врвот на раководството на СДСМ, тоа предизвикува згрозување кај слушателот, кој е пратеник од нашата коалиција и кај мене. Се надевам дека ова ќе бидат неуспешни епизоди кои оставаат флека на демократските процеси во државата и дека нема да се повторат“,
рече Мицкоски на денешната прес конференција на која одговараше на новинарски прашања поврзани со идната Влада.

Мицкоски смета дека познавајќи ги пратениците од коалицијата „За обнова на Македонија“, нема да се повтори купувањето пратеници од референдумот за името, бидејќи тие не препознаваат капацитет во Заев кој претендира да ја води идната Влада, а е негов политички конкурент.

Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека вчера немал средби и разговори со други политички партии за формирање на парламентарно мнозинство, но откри дека такво средби ќе има деновиве.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, е политичка партија која во периодот што претстои ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена.

„Ќе се обидам да формирам парламентарно мнозинство од 61 пратеник и врз основа на таа поддршка којашто би ја добила идната Влада да можеме да ги спроведеме политиките коишто ги ветивме пред граѓаните. Се разбира доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите погрешни политики коишто би ги водело тоа парламентарно мнозинство“, изјави Мицкоски.

Прес конференција

Прес конференција на тема: Економија

Posted by Hristijan Mickoski on Wednesday, August 5, 2020

SHARE