(ВТОР ДЕЛ) Полицајци, лекари и правосудни лица 30 месеци спасуваат насилници блиски на власта – Пишува Горан Момироски

Речиси 30 месеци трае неправдата која ја трпи свештено лице нападнато и тешко повредено во квечерината на голем христијански празник во јануари 2017 година.

Свештеникот се уште одбива да зборува за настанот кој му променил на лошо животот.

Уверен е дека Господ Бог и македонските институции ќе ја донесат правдата и заштитата од моќен насилник кој две и пол години одолева на правдата заштитен од власта.

Текстот чиј прв дел го објавив вчера и кој треба да се прочита за да се добие целата слика за инцидентот веќе преизвика реакции од луѓе инволвирани во криењето на насилство.

Во некои од реакциите добивам идиректни закани да молчам за да не ме снајде судбината на свештеникот, во некои ме прашуваат каде сум бил кога во времето на Груевски се случувало исто, некои ме обвинуваат дека шурувам со владици на МПЦ-ОА чиј свештеник страда во криење на злосторот, некои пак поздравуваат што се прави обид да се расчисти неказнет злостор.

Некои ме обвинуваат дека рекетирам и барам пари за да замолчам а некои ја префрлаат вината на други институции и колеги.

Сите што реагираат имаат легитимно право да коментираат, директно или индиректно да го бранат насилникот или власта и себе си.

Исто како што институциите имаат обврска да го казнат напаѓачот кој скршил нечија нога и го оставил на улица пред неговите три деца и сопруга, како да сакал да им порача дека тој е Господ Бог и никој друг на неговата улица.

Првиот дел од втората страна во приказната кој допрва ќе се отвара пред јавноста.

Едната страна веќе се обиде да ја прикаже вистината како што и одговара на неа и ги злоупотреби фактите и вербата на свештеникот во институциите на систенот.

За тие што не го прочитале првиот воведен дел од сторијата

Полицајци, лекари и правосудни лица 30 месеци спасуваат насилници блиски на власта – Пишува Горан Момироски

Втор дел

По нападот, свештеникот е пренесен во болницата 8-ми Септември, каде е примен од млад доктор специјалист кој професионално го згрижува повредениот, а случајот по службена должност го пријавува во полиција.

Откако му ставиле гипс на ногата, оди во полициска станица Карпош каде го пријавува случајот, за по неколку дена, на 11 јануари 2017 година да биде посетен во неговиот дом од двајца полициски инспектори од крвни деликти.

Тие му земаат изјава и го упатуваат повторно во „8-ми Септември“ да земе лекарско уверение за да можат да поднесат кривична пријава против напаѓачите.

По советот на инспекторите, сопругата на свештеникот оди во болницата, каде што е пречекана од сосема друг лекар, близок роднина на поранешен висок функционер, познат во јавноста по прекар што илустрира висок свештенички чин во католичката црква.

Наместо уверение, жената била избркана од него со вулгарен речник кажувајќи и дека лекарско ќе добие кога ќе му заврши лекувањето.

Тогаш свештеникот и неговата сопруга за прв пат сфаќаат дека се соочуваат со сериозен институционален проблем и почнуваат да се сомневаат дека спроти нив стои добро организирана криминална група.

По дрскиот однос на лекарот, нападнатиот свештеник реагира кај началникот на одделот за ортопедија во болницата и кај лекарот специјалист што го лекувал претходно, кои со големо изненадување ја примаат информацијата и му укажуваат повторно да си го побара документот.

Следниот ден сопругата на попот повторно се обраќа кај лекарот, близок роднина на поранешен функционер, кој наместо лекарско уверение и дава извештај од специјалист во кој пишува дека пациентот сам се повредил и дека нема тешка телесна повреда иако во дијагнозата нагласува дека станува збор за „фрактура“.

Поради јасниот обид на лекарот да влијае на истрагата свештеникот повторно реагира до болницата по што од лекарски конзилиум му е даден соодветен документ кој ја отсликува реалната состојба на повредите на база на утврдени наоди.

Проблемите во болницата се само почеток на една долга агонија на свештеното лице кои стануваат се потешки и поопасни за него и за неговото семејство на патот кон задоволување на правдата.

Додека жртвата се бори со организираната криминална мрежа инсталирана во државните иституции, неговиот напаѓач, познатиот бизнисмен преку медиумите креира лажна слика за настанот обвинувајќи го свештеникот дека го нападнал него и неговиот татко.

Првата закана до семејството е упатена од полициски службеници во полициската станица во Карпош.

По очигледна ургенција од помоќни луѓе да се заштитат напаѓачите, вработените во станицата првично се обиделе да им врачат пријава во која е наведено дека свештеникот сам паднал и ја скршил ногата и покрај тоа што за инцидентот постои видео снимка.

За ова биле известени инспекторите кои го воделе случајот, кои биле шокирани од информацијата.

По нивна интервенција, два часа подоцна сопругата на свештеникот добива коректно изработена пријава, но при подигнувањето на документот вработените и порачуваат: „што се занесувате вие, дали сте свесни со кого си имате работа?“

Со пријавата, лекарското уверение и видео доказите од нападот, на 25 јануари свештеникот повторно се сретнува со инспекторите кои сега имаат целосна слика за настанот и најавуваат дека ќе бараат притвор за напаѓачите.

Но, и покрај нивната намера професионално да ја завршат работата, притвор за напаѓачите нема, а предметот стои во фиока цели четири месеци кога обвинителството конечно го заведува со број 272/17 и притоа нарачува вештачење.

Жртвите чекаат уште дополнителни три месеци за нова информација за случајот, од која повторно се шокирани. На 29 август добиваат решение од Основното јавно обвинителство со кое се отфрла кривичната пријава поднесена од МВР против таткото на бизнисменот за кривично дело тешка телесна повреда.

Во образложението обвинителот се повикува на наод од вештачење нарачано од самото обвинителство, извршено од лекар хирург (а не од ортопед) во кое скршеницата ја квалификува само како телесна повреда, а не тешка телесна повреда.

Во извештајот вештакот исто така тврди дека не констатирал повреди од тупаници во пределот на главата и телото, а потоа заклучува дека повредениот немал последици од скршеницата притоа признавајќи дека заклучокот го изнесува без преглед на пациентот.

Шокиран од наодот на лекарот хирург, жртвата поднесува жалба до обвинителството и на свој трошок прави ново вештачење кај реномиран специјалист по ортопедија кој јасно и гласно укажува дека секоја скршеница на екстремитетите се квалификува како тешка телесна повреда, а при прегледот на свештеникот се утврдува дека во наведениот случај постои и ограничување во движењето на оштетениот.

Откако обвинителството го добила новото вештачење, на истепаниот поп му било соопштено дека ќе мора да се направи и трето супер вештачење во институтот за судска медицина од кое ќе зависи понатамошната постапка.

Барањето за супер вештачење до судска медицина е испратено во октомври 2017 година и оттогаш настанува апсолутен институционален молк. И покрај обидите да се дознае до каде е вештачењето свештеникот до ден денес нема никаква информација за исходот.

Во меѓувреме, во неколку наврати, преку посредници, се праќаат пораки до семејството „да се откажат од постапката бидејќи ќе го изгубат случајот“, како и дека „ќе бидат избркани од државата“.

Последната закана е испратена преку висок службеник во скопска апелација кој е пензиониран, кој „најпријателски“ му порачал „ако имаш 10 години од животот да ги потрошиш на овие во ред, ако не, најпаметно ти е да се иселиш од државата бидејќи се подготвени на се и се многу силни со власта“.

Кон крајот на минатата година, при обидот да започне граѓанска судска постапка, свештеникот дознава уште една шокантна информација дека постапката не може да почне затоа што кривичната постапка воопшто не е почната.