Над 20.000 Албанци поднеле барање за азил во Франција само во последните нецели три години, покажуваат податоците на Евростат кои одат во прилог на загриженоста на францускиот претседател Макрон за големиот број на баратели на азил од Албанија, пишува албанскиот портал Exit.al.

Бројките од последните две години и првите шест месеци од 2019 година објавени од Еуростат, покажуваат дека биле поднесени 20.224 апликации од албански државјани.

Во изјавата пред состанокот на Европскиот совет, претседателот Макрон укажа дека државјаните на Албанија се втори по ред баратели на азил во Франција.

Според францускиот претседател, досегашниот процес на интеграција е „чуден“ бидејќи им овозможува на земјите-кандидатки визна либерализација пред почетокот на преговорите. Ова, според Макрон, ја фаворизира имиграцијата и, особено, во случајот со Албанија, апликациите за азил.

Според официјалните бројки на Евростат, тврдењата на Макрон се покажаа вистинити, пишува порталот.

И оваа година, Албанија со 4.335 е меѓу 3-те земји со најголем број баратели на азил во Франција, веднаш зад Грузија и Авганистан.

Во 2018 година околу 20.000 Албанци поднеле барање за азил во ЕУ, од кои 41% од апликациите биле во Франција.

Големиот број на баратели на азил беше една од точките поради што Албанија беше казнета со недобивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, констатира Exit.al.

SHARE