Според текстот на австриски „Ди Пресе“ нема спас за владата на Заев

Ако се суди според извештајот на австрискиот весник „Ди Пресе“ македонската влада е веќе падната или во најмала рака нема шанси да опстане летово.

Додека премиерот Заев најавува дека неговата влада ќе падне ако летово нема датум за преговори, весникот повикувајќи се на дипломатски извори тврди дека земјите-членки нема да дозволат отворање преговори со Македонија и Албанија во јуни.

„Повеќе земји-членки на ЕУ го одбиваат почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Тоа, на денешната средба со комесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел уште еднаш ќе го повторат амбасадорите на членките на ЕУ. Со оглед на тоа што за почетокот на преговорите мора да се согласат сите 28 членки на ЕУ, исклучено е дека пред летото двете западнобалкански земји ќе го направат следниот чекор кон ЕУ“, пишува денеска австрискиот весник Пресе.

Според Пресе, ни вчерашната посета на Брисел на македонскиот премиер Зоран Заев не смени ништо во тој однос.

„Во прв ред, Франција и Холандија силно се противат на почеток на преговорите со двете земји. И во Данска и Германија нема согласност за почеток на преговорите со двете земји. Во Германија, освен скепсата во однос на реформските напори на двете влади, постојат и процедурални причини зошто не е можна согласност пред летото. Имено, Владата смее дури по одобрение од парламентот да се согласи на преговори за членство со трета земја. Пред почетокот на летната пауза, Бундестагот заседава уште само оваа и последната недела од јуни“, пишува Пресе.

Весникот кој важи за еден од највлијателните во Австрија вели дека изјавата на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, според која поради решавањето на спорот за името со Грција, ЕУ има обврска да започне преговори со Северна Македонија, не е точна.

Весникот пренесува изјава на неименуван европски дипломат кој негира дека ЕУ има обврски кон Македонија за преспанскиот затоа што такво нешто не било ветено од никого во Брисел.

Текстот на Ди Пресе

https://diepresse.com/home/ausland/eu/5639275/EUErweiterung_Albanien-und-Nordmazedonien-muessen-warten

SHARE