За да добие 30 дена боледување Катица морала да биде хоспитализирана

Објавените слики од страна на пратеникот од редовите на опозицијата Антонио Милошоски во врска со боледувањето на Катица Јанева отвараат низа дилеми за тоа како специјалната јавна обвинителка добила 30 дена можност да отсуствува од работа поради спреченост, народски кажано боледување, по препорака на избран (матичен) лекар, анализира порталот макпрес.мк.

Како што објави на својот фејсбук профил, Милошоски тврди дека боледувањето на Јанева е отворено на една од шифрите Ф40 до Ф48 која во шифрарникот на дијагнози (Правилник) се однесува на проблеми со нервите и психата, односно медицински кажано невротски, стресогени и соматоформни растројства.

– Боледувањето е дадено врз основа на констатирана анксиозност растројство (F40-48), но засега не се знае дали е полесен случај или состојба која може да влијае на степенот на работната способност. Инаку овие дијагнози се најтешки за контрола и вештачење!, напиша Милошоски.

По ова, се отвараат и низа на прашања за отвореното боледување, од причина што матичен лекар може да издаде боледување до седум дена (за одредени дијагнози со документација од дополнителни испитувања може да даде и 15 календарски денови), лекар – специјалист може да издаде боледување за две календарски недели а потоа пациентот треба да биде прегледан од лекарска комисија која треба да одлучи дали согласно дијагнозата боледувањето треба да се продолжи до и над 30 дена.

Нејасно е како боледувањето е веднаш отворено на 30 дена, кога јасно се пропишани процедурите за остварување на ова право. Единствен начин за добивање на боледување од матичен лекар во траење од 30 дена согласно законските и подзаконските акти кои го регулираат правото и условите за привремена спреченост за работа (боледување) е матичниот лекар после 15 дена од издаденото боледување, само со специјалистички извештај од амбулантско лекување до еден месец од почетокот на боледувањето или со отпусно писмо до еден месец по хоспитализацијата да го продолжи боледувањето за уште две недели, па потоа пациентот да оди на лекарска комисија, но во никој случај боледувањето од старт неможе да се отвори на 30 дена.

Правилникот за начинот, постапката и поблиските критериуми за утврдување на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или потреба за нега на болен член од потесното семејство и за времетраењето на привремената спреченост за работа во зависност од видот на болеста и повредата јасно ја дефинира процедурата за издавање на боледување за овој вид на дијагноза. Во главата 5 се вели:

Невротски растројства поврзани со стрес и соматоформни растројства (F40-F48)

До 7 дена: Избраниот лекар може да утврди привремена спреченост за работа во траење до 7 дена без примена на критериумите, само врз основа на усвоени доктринарни ставови, дијагностички и терапевтски постапки. (ПЗЗ)

До 15 дена: Стандардни лабораториски наоди, преглед од психијатар. (ПЗЗ, СЗЗ, ТЗЗ)

Над 15 дена: Со специјалистички извештај при амбулантско лекување до 1 месец од почетокот на боледувањето или со отпусно писмо до 1 месец по хоспитализацијата.

Кај тешки форми со регресивни промени на личноста, резистентни на терапија (тешки опсесивни растројства, фобични состојби тешки депресивни состојби или изразени конверзивни растројства) може да се продолжи боледувањето до 6 месеци.

Осигурениците лекувани во дневна болница потребно е задолжително да бидат упатени на лекарска комисија за продолжување на боледувањето на секои 30 дена со потврда од здравствената установа дека е на дневноболничко лекување.

Оттука се поставува прашањето, дали Специјалната јавна обвинителка била амбулантски хоспитализирана за да може да добие боледување во времетраење од 30 дена?

Милошоски смета, дека отварањето на боледувањето токму со оваа дијагноза има позадина, односно ќе и биде во корист на Јанева при евентуално проширување на истрагата за случајот „Рекет“ и вклучувањето на специјалната јавна обвинителка во обвинението.

– Таинственоста создава сомнеж дека боледувањето може да биде подготовка на околности за неопределување на мерка притвор или за градење на историјат на болеста на подолг рок, при евентуални подолги судски процеси, смета Милошоски.

Инаку, анксиозноста се повеќе се смета како состојба а не како болест која се манифестира со чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Анксиозноста се манифестира преку повеќе физички и психички симптоми кои се доживуваат како многу непријатни, а често се јавува во комбинација со други болести, особено со депресија иако поновите истражувања велат дека се појавува како последица на депресијата.

Извор макпрес.мк