За грчкото присвојување на термините Македонија и Македонци! – Митко Б. Панов

Сведоци сме дека намерите за затварање на „македонското прашање“ иницирани со договорите на Република Македонија со Бугарија (2017) и Грција (2018), во последно време наоѓаат манифестација во отворените тенденции за присвојување на историјата на Македонија, која станува предмет на поделба помеѓу Софија и Атина.

Оспорувањата на посебноста на македонскиот јазик во последната публикација на Бугарската академија на науки „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, засновани на конструираните тези за наводниот „бугарски“ етнички карактер на Словените во Македонија (и тоа уште од 6 век), како и „бугаризирањето“ на св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, цар Самуил, само потврдува дека преку концептот на „заедничка“ историја, Бугарија претендира да го проектира „бугарскиот“ етнички континуитет на територијата на Република Македонија oд средновековието до денес (Митко Б. Панов, Expres, 10.05.2020).

Тоа нè води кон Грција, која од своја страна исто така сосема отворено ги пројавува претензиите за присвојување на историјата на Македонија, повикувајќи се на Преспанскиот договор.

Грчкиот професор и член на заедничката македонско-грчка експерска комисија за историски, археолошки и образовни прашања, Спиридон Сфетас, во јули минатата година мошне илустративно предочи дека во „современата македонска борба со историчарите од соседната земја“, Грција веќе постигнала „национален успех“ за клучните историски прашања.

Како потврда на грчките yспеси во „современата македонска борба“ за историјата, Сфетас го обелодени „Тајниот извештај за скопските учебници,“ во кој се конкретизираат постигнатите договори во рамките на заедничката експертска комисија (Spiridon Sfetas, Ethnos, 6.07.2019).

Имено, во извештајот се констатира дека комисијата се согласила околу дефинирањето на античка Македонија како дел од античката грчка историја и култура, дека античките Македонци не биле различни од Хелените (биле Хелени), како и дека Словените немале (и немаат) ништо заедничко со античките Македонци.

Јасно е дека со ваквите формулации историски се верификуваат политичките одредби од Преспанскиот договор. Меѓутоа, Извештајот открива дека постигнатите договори во рамките на комисијата опфаќаат многу повеќе од античката историја и претендираат историски да го дефинираат и утврдат значењето на самите термини Македонија и Македонци во сите историски периоди.

Имено, се наведува дека комисијата констатирала дека по 148 г. пред н.е. терминот Македонија имал исклучиво административно значење (римска провинција, потоа византиска тема), што не кореспондирало со историската Македонија.

Дури во 14 век, терминот Македонија ја вратил историската содржина во византиските извори.

Притоа, од Извештајот дознаваме дека особено важно за Грција била договорената интерпретација дека Словените не го зеле името Македонци од античките Македонци, дека термините Македонци и Словени не биле истоветни во средновековието, додека, пак, за Грците терминот Македонци го задржал значењето како културно наследство на античките Македонци.

Врз основа на тоа, комисијата утврдила дека терминот Македонци за време на османлиското владеење имал само локален идентитет – географска ознака за сите христијани, вклучувајќи ги и јужните Словени, а бил користен како симбол на храброста во очекување на новиот христијанин Александар Велики да ги ослободи од “младите Персијци-Османлиите“.

Меѓу успесите за Грција во Извештајот е содржано и историското реферирање кон Букурешкиот договор од 1913 и Париската мировна конференција (1919), како и постигнатиот договор во комисијата терминот „егејска Македонија“ да биде заменет со терминот „грчка провинција Македонија“ (Spiridon Sfetas, Ethnos, 6.07.2019).

Историските интерпретации содржани во извештајот од работата на комисијата, иако мошне кратки по содржина, се од суштинско значење. Ревизионистичкaтa историскa содржина договорена од комисијата не значи ништо друго, туку признавање дека историските термини Македонија и Македонци се грчко наследство и претставуваат „сопственост“ на Грција.

Ваквиот заклучок се извлекува од договорената интерпретација дека aнтичка Македонија и античките Македонци биле неотуѓив дел од хеленската историја и култура, од што произлегува дека Грција била татковина на самите историски имиња Македонија и Македонци, кои имале грчки карактер. Сите натамошни историски дефинирања, се базираат на ваквата интерпретација која се третира како неспорна и конечна вистина.

Во што всушност се состои значењето на постигнатите договори во комисијата за Грција, може да се согледа од последната колумна на проф. Сфетас насловена „Бугарскиот романтизам и современата реалност во Република Северна Македонија“ (Spiridon Sfetas, Eidiseis, 19.05.2020).

Веднаш се забележува дека текстот всушност се сведува на објаснување на историската генеза и значење на терминот Македонци во различните периоди, а притоа сосема јасно ги рефлектира формулациите договорени во комисијата.

Констатирајќи дека Словените немале никаква врска со античките Македонци и дека Словените воопшто не биле асоцирани и идентификувани со името Македонци во средновековието, Сфетас претендира да даде одговор на прашањето коешто самиот го поставува како клучно за Грција – како тогаш терминот Македонци бил наметнат како декларативен термин за Словените?

Според неговото објаснување (што кореспондира со Извештајот), до тоа дошло како резултат на освојувањата на „византиска историска Македонија“ во 14 век од страна на Србите кои како христијански владетели се бореле против Османлиите кога тие ја нападнале Македонија. Српските владетели – наследници на цар Душан (меѓу кои Сфетас ги вбројува Волкашин и Марко), наоѓајќи се на територијата на историска Македонија, започнале симболично да го имитираат и да се повикуваат на храброста на младиот Александар Велики, кој ќе ги порази „новите Персијци – Османлиите“.

Понатаму тој констатира дека терминот Македонци како митска референца за Александар Велики, постепено станал географски термин за означување на сите христијани во Македонија (вклучително и јужните Словени), кои го исчекувале доаѓањето на новиот христијански владетел Александар како симбол на храброста, да ги ослободи од Османлиите.

Оттаму, според Сфетас произлегува и симболичното именување на Душан како „цар на Македонците“ во подоцнежните српски ракописни преписи. Самиот мит за словенското потекло на Александар Велики, Сфетас го поврзува со дубровничкиот поет Иван Гудулиќ (1589-1638) кој во поемата “Осман” упатил на српското потекло на Александар Велики, во контекст на војувањата со Османлиите.

Врз основа на тоа, тој појаснува дека референцата Македонци преку словенскиот мит за Александар се проширила меѓу јужните Словени и станала позната и во пошироката територија на Македонија во 16 век.
Митот за словенското потекло на Александар Велики, според него, подоцна бил претворен од Албанците во мит за Александровото илирско потекло, но како и словенскиот, исто така немал историска поткрепа.

Оттаму, Сфетас тврди дека митот за словенскиот Александар функцинирал повеќе како легитимирање на историското присуство на Словените во Македонија, со оглед дека Грците ја сметале Македонија за грчка земја. Врз основа на тоа, тој заклучува дека терминот Македонци бил користен исклучиво како географска ознака, со која се означувале и оние кои зборувале словенски јазик. За Грците, пак, терминот Македонци во континуитет го означувал наследството на античките Македонци.

Врз основа на ваквата интерпретација на значењето на терминот Македонци во пост-средновековниот период, Сфетас всушност понатаму претендира да докаже дека не постоела било каква форма на колективен македонски, односно словено-македонски идентитет.

Според него, Словените кои ја населувале пошироката територија на Македонија биле архаична, аморфна маса, со локален идентитет поврзуван со територијата, но без национално самосознание. Тоа тој се обидува да го поткрепи со тврдењето дека во духот на романтизмот во 19 век, основа за формирањето на национална свест било повикувањето на историското минато и култура.

Меѓутоа, бидејќи немало „словено-македонска средновековна држава“ историската меморија не можела да функционира, исто како што не профункционирала и при пројавите на „словеномакедонскиот сепаратизам“ на Мисирков и Чуповски. Оттаму, констатацијата дека не била формирана посебна (словено)македонска национална свест, која, според Сфетас, била конструирана врз основа на локалниот географски идентитет во време на Титова Југославија и тоа во функција на легимитирање на иредентистичките претензии на поширокиот простор на Македонија, што ја вклучувало историска Македонија во рамките на Грција.

Мошне индикативно е што при извлекувањето на заклучоците од својата обемна колумна, Сфетас се фокусира кон средновековието кое го проектира во современоста. Имено тој смета дека територијата на денешна „Северна Македонија“ била инкорпорирана во бугарската држава во втората половина на 9 век, дека Охрид станал средиште на средновековна Бугарија, како и дека Самуиловата држава била бугарска, додека Самуил (иако можеби и Ерменец) ја узурпирал бугарската царска идеологија.

Сфетас тврди дека тие кои што се повикуваат на формирање на прва македонска држава за време на Самуил, немаат изворна поткрепа, бидејќи терминот „Македонец,“ „македонски“ не постоел во тоа време како асоцијација за Словените. Притоа, не случајно тој потенцира дека по ликвидирањето на Самуиловата држава, Византијците биле тие кои ја нарекле повторно освоената територија „тема Бугарија,“ додавајќи дека грчки натписи ја красат црквата Св. Софија во Охрид.

Оттаму, тој заклучува дека во тоа време „културата и идеологијата биле клучни и затоа е неумесно да се гради минато кое ќе соодветствува на потребите на сегашноста, да се проектира идентитет како историски континуитет од антиката и да се замолчи процесот на отуѓување од хеленизмот и бугаризмот“.
Со други зборови, Грција и Бугарија преку комисиите веќе ја делат помеѓу себе историјата на Македонија, споделувајќи ги тенденциите за историско делегитимирање на посебноста на македонската нација.

Притоа, евидентно е дека клучно за Атина и Софија е историското дефинирање на самите термини „Македонија“ и „Македонци“ при поделбата на антиката (Грција) и средновековието (Бугарија). Тоа експлицитно го потврдува Сфетас укажувајќи дека во однос на историографскиот спор со Република Македонија, „за Грција основен проблем е антиката, за Бугарија тое е средновековието, но кон кое не треба да се однесува од гледна точка на современа национална држава, бидејќи терминот бугарски може да предизвика алергија“ –секако за Атина!

Оттаму разбирливи се и неговите критики кон Бугарија околу користењето на термините Македонија и Македонци, кои Софија ги поистоветува со Бугарите (Sfetas, Eidiseis, 19.05.2020).
Доколку се земат како веродостојни досегашните изјави и извештаи на грчките и бугарските членови на комисиите за историски и образовни прашања (кои колку што ми е познато не беа негирани од македонските членови) и притоа се направи компарација помеѓу комисиските договорени историски дефиниции и интерпретации, ќе се дојде до поразителен исход за македонскиот национален наратив, чијашто ревизија во крајна линија директно ја засега историјата и идентитетот на македонската нација.

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја

(Продолжува)

За грчките претензии кон термините Македонија и Македонци (2) – Митко Б. Панов

SHARE