За инстант историја напишана за 20 дена ќе летаат глави – пишува Горан Момироски

Не е во прашање само Гоце Делчев, не се ниту само учебниците во историја.

Во опасност се ставени основните постулати на македонската држава, нација и постоење.

Македонија е притисната до ќош.

Поради корумпираните, лековерните, незаинтересираните, кратковидите, среброљупците, исфрустрираните без никаков резултат зад себе и пред себе.

Од Македонија се бара за 20 дена (До 10 ноември кога во Софија ќе има средба на Берлинскиот процес) да ја ревидира целата своја историја и да се согласи дека Македонците настанале од Бугарите а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Веќе и јавно кажа член на бугарската комисија. Една од целите е Делчев да биде географски македонец но по националност Бугарин.

За да биде подеднакво важен за сите држави кои делат територии на географска Македонија. За подоцна да влезе во науката и учебниците дека Македонија, Албанија, Грција, Косово, Србија можат слободно да го слават “бугаринот” Гоце Делчев.

За кој во Бугарија нема напишано ниту една песна освен ако авторите не се Македонци, по етничка припадност.

Влогот е голем, почеток на преговори за членство во ЕУ.

Но смее ли македонската влада и наука да разговараат на оваа тема?

Смеат ли македонските историчари и членови на историската и образовна комисија воопшто да седнат на разговори со нивните колеги кога од нив се бара да извршат национално предавство и научно самоубиство?

Смеат ли членовите на комисиите да земаат “хубав” хонорар од 1000 евра месечно за да слушаат и одговараат на идиотизми?

Смееат ли политичките лидери да излегуваат во јавност и да го амортизираат лудилото на нивните бугарски колеги?

Смеат ли колегите новинари да ги релативизираат бугарските глупости во име на влезот на Македонија во ЕУ, можда за 10 до 15 години?

Не. Не смеат.

Никој од погоре наведените за ниту една од насилно поставените теми од Софија не смее ниту да преговара а не пак да се договора.

Затоа што ќе летаат глави. Политички, научно и на други начини.

Не, не се работи за закана и за говор на омраза. Се работи за реалност и иднина базирана на историја.

Прочитајте ги животните приказни на Петре Лигушев и Коте од Руља и нивните наследници. Се ќе ви биде јасно.