За македонизмот нема место во ЕУ, вели бугарски ексамбасадор во Скопје

Александар Јорданов, амбасадор на Бугарија во Македонија од 2001 до 2005 година и кандидат за европратеник од коалицијата ГЕРБ-СДС, смета дека влезот на западниот сосед во Европска унија ќе има историска вредност за неговата земја, но без македонизмот.

„Од една страна, Бугарија има исклучително голем политички, економски, морален и историски интерес Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Од друга страна, пак, е прашањето каква Македонија ќе стане член на Унијата – дали ќе биде европска Македонија или ќе биде Македонија што ги пренесува своите идеологии и доктрини наталожени во комунизмот, кои во голем степен продолжуваат да бидат антибугарски, т.н. македонизам, кој продолжува да цели да ги претстави Македонците и Бугарите како два апсолутно различни народа што немаат ништо заедничко меѓу себе, кои дури биле и непријатели“, изјави тој за радиото Фокус.

Според Јорданов, за македонзимот нема место во ЕУ бидејќи не одговарал на историската вистина. Светот на Европа е свет на разбирањето, на прифаќањето на вистината таква каква што е, а во бугарско-македонските односи вистината е дека речиси до средината на 20. век жителите на денешната територија на Северна Македонија се изјаснувале како Бугари од Македонија или како македонски Бугари, кои треба да си останат такви и во историјата, порача кандидатот за Европски парламент.

„Тоа нема да се случи молскавично, тоа не може да се случи дури ни со договорот што го потпишавме меѓу себе, но политичарите се должни да работат во таа насока бидејќи тие го користат изразот ‘заедничка историја’ и дури го наметнаа во јавниот говор, но заедничка историја може да има само заеднички, единствен народ. И за Бугарија тоа е еден исклучителен проблем зошто подавајќи ѝ рака на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, претворајќи се дури и во нејзин лобист за тоа членство, ние не можеме никако да се откажеме од вистините за нашиот сопствен идентитет, историја и култура, а и за нашиот сопствен бугарски јазик. Тоа се репери што нашата држава не може да си дозволи лесно да бидат отфрлени. И тука ќе биде големиот проблем во преговарачкиот процес, кога Бугарија и Македонија ќе треба да преговараат за тие прашања“, објасни Јорданов.

SHARE