За најважните работи во животот за кои никој не нѐ подготвува – Интимно ексклузивно интервју со Ирена Чаушевска Даниловска автор на книгата СВОЈА

Интимно ексклузивно интервју со Ирена Чаушевска Даниловска автор на книгата СВОЈА

Пошироката јавност Ве познава како жена претприемач која над 10 години води сопствен бизнис. Сте биле дел од многу проекти, а неодамна успешно го реализиравте и првиот целосно виртуелен хакатон NASA Space Challenge за технолошки иновации преку ЊуМенс Бизнис Акцелераторот чиј ко-основач и директор сте.
Сепак причината на нашето ексклузивно интервју е што од денес и официјално се вбројувате меѓу македонските писатели бидејќи токму вчера од печат излезе Вашето првенче именувано СВОЈА – За најважните работи во животот за кои никој не нѐ подготвува.

Кои се оние работи за кои зборувате во книгата, за кои никој не нѐ подготвува во животот?

Ирена: Книгата опфаќа неколку различни, но тесно поврзани сегменти и животни предизвици низ кои неминовно поминува секоја девојка и жена на патот на својот развој, а за кои нема никаков формален или неформален прирачник и покрај нивното огромно влијание врз нашето формирање како личности и врз степенот на задоволство од животот.

Таква е улогата на првите пријателства, изборот на средно и високо образование и дополнителни проекти и хобија, првото вљубување, огромната улога на изборот на животен партнер врз среќата и менталното здравје, станувањето мајка, изборот на кариера како одредник на животниот стил и можностите за заработка, но и справувањето со неуспесите и загубите кои ги задава живтот, како и можноста за целосна трансформација и нов почеток доколку некои работи отишле во погрешна насока или едноставно не се повеќе тоа што го посакувате.

Во зависност од тоа колку секоја од нас е подготвена најпрво да ги препознае клучните животно-одредувачки ситуации и луѓе, а потоа и да има веќе усвоени методи и насоки на кој начин да одговори на предизвиците и ударите, во голема мера ќе и го одредат животниот пат, и можностите за лична и професионална самореализација и успех.

Станува збор за теми и прашања кои училиштата дури сега започнуваат да ги третираат и тоа само во еден сегмент – во делот на меѓуврсничкото насилство. Сите останати прашања се оставени на родителите, на парцијалните совети од социјалните мрежи и на „како и’/му било пишано“. Од друга страна дури и најпосветените родители фокусот го ставаат првенствено на тоа детето да е воспитано, најадено и облечено, и со добар успех во училиште, а дека другите работи сами од себе ќе си дојдат.

Од многубројните негативни искуства околу нас гледаме дека најчесто работите не си доаѓаат така едноставно сами од себе, од различни објективни или субјективни причини, и потребна е подготовка за тоа како да го побараме и добиеме најдоброто од животот.

Јас дел од овие работи ги научив на потешкиот начин и можноста за споделување на тие лекции беше главната мотивација да се случи СВОЈА.

Ова е ваше прво официјално интервју и воедно прво медиумско промовирање на книгата. За кого е наменета, кому сакате да му ја испратите својата порака и која е таа, ако треба да ја сублимирате во неколку реченици?
Ирена: Книгата се обраќа првенствено на женската популација од 15 па до 105 годишна возраст, и има 2 главни намени.
Првата е да превенира, односно да им помогне на помладите со очи широко отворени да чекорат низ животните предизвици, но и да најдат начин да ги надминат загубите, да не западнат во самосожалување и депресија и да се изборат за среќа. Втората е да поправи и да обнови, и е насочена кон малку повозрасните кои можеби како и јас, веќе направиле некои погрешни избори во животот.

Целта е да им покаже дека има светлина од другата страна на тунелот, и дека колку и тешко и застрашувачки да изгледа во моментот, треба да најдат храброст за да кажат доста е и да се тргнат од изворот кој им предизвикува несреќа и болка, за да можат повторно да го изградат својот живот во нова и многу поубава верзија.

Доколку пак самите се мајки на девојчиња кои се во формативен период од развојот, ќе можат да ја искористат СВОЈА за подобро да ги препознаат битните моменти, и да се подготват себе си што поуспешно да ги поддржат на нивниот пат кон станувањето возрасни девојки и жени. Секако, книгата е добредојдена и за оние кои веќе имаат успешен и среќен живот, од причина што во неа ќе најдат и поразлични идеи за можностите кои им стојат на располагање, или ќе си потврдат некои свои размислувања, што може да ги поттикне да си постават уште поголеми цели и предизвици и да ја најдат и реализираат најдобрата можна верзија од себе.

Ако треба да ја синтетизирам пораката на СВОЈА во неколку реченици, ќе се послужам со дел од поуките коишто можат да се најдат на крајот од секој нејзин расказ: Поважно од тоа да се вклопиш или да се издвоиш, е да бидеш доследен самиот на себе. Најди ја твојата посебност, засакај ја и исткај ја во сѐ што правиш. Тоа ќе те доведе до многу неверојатни искуства.

Дали очекувате и мажи да се заинтересираат за книгата?

Ирена: Посебно ми е драго што уште на самиот старт од продажбата на книгата имаме и мажи читатели, нешто што искрено не го очекував на почетокот, иако поуките од СВОЈА во голем дел се универзални. На крајот од денот и мажите и жените се во потрага по љубов и среќа во домот, задоволство од работата и мир во душата.

Се надевам дека на машката популација, СВОЈА ќе им понуди нов поглед на жените, на нивната ранливост но и на нивната моќ, и ќе им послужи да го пронајдат вистинскиот маж во себе кој ќе знае да биде истовремено и нежен и силен, но никогаш агресивен и никогаш страшливец, за да бидат „препознаени“ од онаа што ја сакаат и да го изберат вистинскиот начин да ја задржат покрај себе.

Станува збор за многу лична приказна, раскажана на многу автентичен начин. Кажете ми нешто повеќе за процесот на пишување?

Ирена: Започнав со пишување на почетокот на 2015-та, точно 5 години по итниот царски рез што го имав со ќерка ми во 7-от месец од бременоста. Дојде до одлепување на постелката и животите и на двете ни беа во опасност, по што 29 дена останавме во болница – ќерка ми прво во инкубатор, а потоа на интензивна нега, а јас во таканаречената Соба за сами мајки.

На поривот за пишување му претходеше и тоа што претходниот брак по многу нешта беше трауматично искуство за мене и на никому не му го посакувам. Поради традиционалното воспитување и личната увереност дека бракот треба да е еднаш и засекогаш, а и сето она што го проживеав за време на таквиот брак, чувствував огромна тежина која уште долго потоа не ми даваше исправено да се погледнам во огледало, да го прифатам својот нов идентитет и да продолжам напред со крената глава. Јас и понатаму вината ја барав во себе и сметав дека штом потфрлив во најзначајната улога на жената, дека едноставно не заслужувам ништо повеќе од животот.

Тогаш без никаков посебен план, ноќта непосредно пред 5-от роденден на ќерка ми почнав да пишувам. И со недели и месеци не можев да престанам. Имав чувство како да пренесувам на хартија сѐ што со години ми тежеше, и тоа со огромна леснотија без воопшто да треба да размислувам како да ја формирам реченицата или како да развијам некој од ликовите, кога сето веќе ми беше познато. Дел од овие текстови уште тогаш споделив на мојата Facebook страна и наидоа на огромен интерес и тоа од читателки од различни националности на кои им бил потребен поттик да ги донесат вистинските одлуки.

Според една од првите читателки на целата книга СВОЈА може да се доживее и „како нежен кафе-муабет со најдобрата пријателка“. Затоа што СВОЈА е баш тоа, мој личен разговор со секоја од читателките каде го споделувам моето искуство и сите научени лекции со надеж и порака да изберат подобро и помудро за себе, за да не мора да го одат трнливиот дел од мојот пат и побрзо да дојдат до љубов, мир и среќа.

Продолжив да пишувам и за сите останати негативни искуства и разочарувања што ги паметев уште од раното детство и што ми тежеа – најпрво за периодот во основно и средно училиште, првата пракса, првите заљубувања и првите работни позиции. Додека пишував за сите овие моменти, се потсетив и на сите убави работи и на сите успеси што сум ги постигнала. Тоа ми даде сила за прв пат после повеќе години да се погледнам, прифатам и засакам и како жена и мајка со целата своја вредност и со сите други успеси на различни полиња, а не само низ призмата на пропаднатиот брак. Дури тогаш и мојот приватен живот и кариера тргнаа на подобро.

Така што слободно може да се каже дека СВОЈА почнав да ја пишувам од средината, кога всушност ми се случи погрешниот избор на партнер, па продолжив со пишување на почетокот на книгата, односно ситуации од раното детство, веројатно несвесно барајќи ги причините кои ме доведоа до тој клучен момент, за завршните и убави делови на книгата да почекаат уште неколку години за прво да бидат остварени, а потоа и напишани.

Последниве години беа значајно заокружување на новиот период од мојот приватен и професионален живот, меѓу кои нов и среќен брак и раѓањето на мојот син, но од друга страна го изгубив татко ми кој имаше голема улога во мојот живот. Тоа ме поттикна да се навратам на сите напишани делови. Тогаш јасно увидов дека определени однесувања, влијанија и избори ме воделе до успех, а други до неуспех, и така почна да се дооформува идејата за СВОЈА. Да не биде четиво само за мене и тесен круг на читатели, туку нешто многу поголемо што ќе им помогне на многумина.

Така започна процесот на селекција на клучните приказни кои имаат потенцијал да испратат значајна порака и да допрат до поширок круг, меѓу кои се и оние за научените лекции од основањето и водењето на сопствена компанија и пронаоѓањето на вистинскиот животен сопатник, а процесот кулуминираше со оформувањето на 24-те животни поуки.

Кои се вашите очекувања, како вашата книга може да направи разлика во животот на читателот?

Ирена: Огромно е задоволството кога ќе добиете повратна информација, совет или критика од некој што ја прочитал книгата. Јас имав среќа да добијам дури 16 преубави впечатоци (тестимонијали) од жени и мажи кои ја прочитаа книгата пред нејзиното печатење, кои ме охрабрија дека сум на вистинскиот пат и дека има можност СВОЈА да допре до читателите, а имаше и такви кои побараа да споделам и дополнителни елементи со цел книгата да има можност да биде уште појасна водилка.

Во однос на очекувањата, најпрво очекувам и се надевам дека СВОЈА ќе поттикне поставување на многу нови прашања, и помеѓу родителите и децата, и помеѓу сопружниците, а и на секој сам со себе, кои никогаш претходно не биле поставени. А ако има нови прашања, ќе има и нови одговори од кои дел можат да дојдат и од книгата. Очекувам секој што ќе ја прочита СВОЈА да посака и да започне да го живее животот со полни гради, целосно свесен за тоа што му се случува, но и да презема поголема одговорност за сопствените постапки, а и за неговите реакции на туѓите постапки.

Очекувам да доведе до многу повеќе „чисти“ релации и со себе и со другите, каде луѓето ќе бидат брутално искрени најпрво самите со себе, а потоа и со другите. Ќе ги тргнат маските за да можат да ги најдат или создадат сопствените крилја, а ќе ги остават зад себе луѓето и ситуациите кои им предизвикуваат болка и немир.

И најбитно, не сакам ниту една друга млада жена или маж да треба да поминува низ брак или врска каква што имав јас, или ако е веќе во таква ситуација, да се охрабри и да не останува ниту минута подолго, од она што и’/му е потребно да се подготви за следните чекори.

Конечно, очекувам многу млади девојки и жени да го следат својот сон, да се окуражат и да влезат и во таканаречени машки професии поврзани со креирање на политики, развој на иновации и нови технологии, и да бидат активни креатори на решенија за иднината.

За крај, каде и кога книгата ќе биде достапна за пошироката јавност и кои се вашите следни планови?

Ирена: Пресреќна сум што првите 30-тина книги, кои беа нарачани изминативе 2-3 дена во претпродажба, веќе денес ќе пристигнат кај читателите, а од понеделник СВОЈА ќе биде достапна и во книжарниците на Сакам книги, ТРИ и Литература.мк. Бројот на книжарници планираме да го прошируваме и понатаму со цел да допреме до читатели од што повеќе градови.

Можноста за директна достава за себе или за подарок и понатаму ќе остане отворена преку овој линк https://forms.gle/yTXBrdAcWWh8Pic48, а од понеделник и преку сајтот www.sitemoizivoti.mk.

Сметам дека е ова посебно значајно сега во услови на пандемија, кога степенот на семејно насилство е во пораст, за да може книгата да дојде навремено до сите на кои им е потребна, особено што со помош на Еко Логистик Сервис вршиме брза достава во рок од 1 ден во Скопје и 3 до 5 дена за градови од внатрешноста. Дополнително, отворени сме и за барања за испорака на книгата во странство.

Во однос на следните планови, ние веќе најавивме дека дел од профитот од продажбата на книгата СВОЈА ќе биде наменет за поддршка на жени жртви на семејно насилство, и тоа не само за задоволување на нивните основни потреби, туку уште повеќе за создавање можности за нови извори на приходи и самостоен живот, преку вработување, самовработување и претприемништво.

Дополнително, сакам да работиме доста и во делот на вклучување на што повеќе млади девојки и жени, особено од руралните средини, во процесот на СТЕМ едукација и стекнување на претрпиемачки вештини, како начин да изградат поголема самодоверба и самостојност и поосвестено да ги носат животните одлуки, а не да одат по патот на помал отпор и да прифаќаат „на прва“ сѐ што ќе им сервира животот дури и кога заслужуваат и можат многу повеќе.

Конкретните соработници и проекти ќе ги објавиме многу наскоро, со оглед дека во моментов веќе работиме на нивно прецизирање. Еве ова нека биде уште еден повик за сите кои имаат интерес и идеја за соработка да нѐ контактираат на svoja@sitemoizivoti.com

Во однос на самата книга, веќе имаме понуда за превод и издавање на СВОЈА и на хрватски јазик, што ќе се случи на почетокот на 2021 година, а понатаму во план е и англиско издание, а разгледуваме и можности за дигитални и аудио изданија.

SHARE