За СДСМ „протестот” на земјоделците е протест на ВМРО-ДПМНЕ


„Протестот на членови на ВМРО-ДПМНЕ кои глумеа незадоволни земјоделци е лажен исто како што е лажно се во оваа безидејна партија посветена единствено на обнова на режимот.

Вистинските земјоделци немаат причина да протеститраат, затоа што досегашното искуство го потврдува партнерскиот однос и грижа на Владата предводена од СДСМ. Од друга страна гледаме дека продолжува потценувачкиот и манипулативен однос на ВМРО-ДПМНЕ со години наназад“, се вели во реакцијата на СДСМ на денешниот протест на земјоделците пред влада.

За само две и пол години СДСМ и Владата која ја предводи, покрај што ги исплати  наследените заостанати долгови кон земјоделците, паралелно се работеше и се реализираа бројни проекти преку кои парите се враќаат назад кај земјоделците, трошоците се намалуваат, субвенциите навремено и неселективно се исплаќаат ,а со тоа  расте животниот стандард на земјоделецот.

Во консултација со сточарите, се  донесе одлука за нова дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена.

Во два дена се исплатија вкупно 195 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци.

Се реши долгогодишниот проблем на лозарите, со исплата на наследените долгови кон лозарите што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници го имаа кон нив за предаденото грозје во 2014 и 2016 година во вредност од над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Претходно, се исплатија 9 милиони евра за основната субвенција за одржување на лозови насади и  над 1 милион евра легнаа на сметките на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денари за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби.

За овошните култури предадени во преработувачки капацитети се исплатени 75 милиони денари на 1.460 земјоделци.Дополнително со ребалансот се планирани 160 милиони денари за исплата на дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка кај откупувачи.

Се донесе нов модел за повисоки субвенции за тутунарите во три нивоа. Субвенцијата за прва класа е 80 денари, за втора 70 денари за трета и останатите класи 60 денари за килограм. Сите субвенции за тутунот од реколта 2018 се исплатени, или вкупно 28 милиони евра. Последните две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, односно за реколта 2017 цената беше 217,6 денари, а за реколта 2018 откупната цена беше 214,2 денари за килограм.

Со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство.  

Задоволни земјоделци немаат причина за протести, обидот на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување и реализација на посакуваното сценарио не им успеа ни денеска,а нема ни  да им успее некогаш.

Наместо, лаги и манипулации, ВМРО-ДПМНЕ нека понудат вистинска програма и мерки, затоа што со ова само си потврдуваат дека имаат единствено програма за обновата на  режимот“, реагира СДСМ.

SHARE