За тенденциите за политичко затварање на историските поглавја на македонизмот (2) – Проф. Др. Митко Б. Панов

Првиот дел од текстот на професорот Панов е објавен вчера

За тенденциите за политичко затварање на историските поглавја на македонизмот (1) – Проф. д-р Митко Б. Панов

Дали ќе се игнорира посведочениот факт дека во текот на Втората светска војна, Самуил станал клучен историски симбол на отпорот на Македонците и борбата за ослободување и извојување на државноста.

Дали притоа ќе се изземе ракописот на Васил Ивановски насловен Македонската нација и македонската национална свест од 1943 г., во која Самуиловото царство е претставено како „трета македонска држава“ чиишто традиции одиграле суштинско влијание за „етничкото зачувување на македонските словени“ и за одржување на „народносната свест“.

Дали ќе остане занемарено дека со повикувањето на историската меморија за Самуловата држава, македонските револуционери и интелегенција ја антиципирале современата борба во Македонија за ослободување и создавање на македонска држава.

Дали во таа смисла ќе се заборави говорот на Панко Брашнаров при отварањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, во кој тој ја споделува возбудата од фактот што македонскиот народ е ослободен од „десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“.

Се прашувам, како ќе се „затвори“ историското поглавје содржано во Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ, кадешто се потенцира дека „за првпат по Самоил, македонскиот народ создава своја држава“.

Или, дали ќе биде избришана од меморијата Прокламацијата на ЦК на КПМ до македонскиот народ од 4 август 1944, во која се повикува македонската интелегенција да учествува во изградбата на „првата по Самуила македонска држава“.

Нешто што Васил Ивановски во студијата За соединуење на македонскиот народ (1944) го толкува како законодавни одлуки на АСНОМ со кои се втемелуваат „основите на првата македонска држава по Самоил“.

Или, пораката до објективниот историчар содржана во популарната брошура на Кирил Николов За македонската нација (1946), во која се определува Самуиловото царство како историско заокружување на тенденцијата за обединување на македонските словени, што повторно се реализира во современа Македонија: „Меѓу нив поникна таа чудна словенска држава на Самуила, којашто го обедини целото македонско словенство“. Што со мислата на револуционерот и политичар Димитар Влахов, кој во предговорот на неговата книга Македонија: Моменти од историјата на македонскиот народ (1950), остро го осудува големобугарскиот шовинизам, со кој не било поштедено „ништо во македонската историја: од Кирил и Методиј и Самуил па се до Илинденското востание“, заклучувајќи дека „Самуиловото македонско царство“ произлегло од „востанијата на македонскиот народ“ против Бугарија и Византија.

Како ќе се затвори историското поглавје со Павел Шатев, првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, кој во ракописот на својата Историја на Македонија составена во затворската ќелија, констатира дека во време на цар Самуил била создадена „нова македонска држава“, која доживеала трагична судбина со ослепувањето на „14.000 заробени Македонци“.

Дали ќе се занемари фактот дека погледите за македонската историја на Шатев како последен преостанат гемиџија, покажуваат дека Самуил станал обединувачка историска фигура за македонската нација, независно од различните и променливи идеолошки ориентации на македонските револуционери и политичари.

Или ќе се заборави поетскиот историски израз на еден од иницијаторите на АСНОМ, Венко Марковски, содржан во статијата Македонската култура: „кога се враќаме назад во длабокото минато на македонскиот народ, не можеме а да не се сопреме на личноста на цар Самуил, кој бил Богомил и еден од најсветлите врвови во македонската историја.”

Или, дали ќе се прочита поемата Климе (1945) на Марковски, во која Самуил е претставен како херој чијшто дух се воздигнува за одбрана на современа Македонија: „како великан грее сред Илинден наш, се подига, зборој отправуе в народ, свет благослов лее“.

Дали ќе се игнорира циркуларното писмо на Министерството за народна просвета на Бугарија од ноември 1947 г., со кое се порачувало ревидирање на содржината на учебниците по историја за Пиринска Македонија, во која се напоменувало дека иако „Самуиловата држава била типична феудална по форма, без било каква национална свест“, таа претставувала „држава на македонските словени”.

Или, писмото од 30 јануари 1948 г., во кое Министерството наложувало лекциите во 7 клас во однос на Самуил да се изучуваат „само во часовите по македонска историја“, и притоа да се „исклучат од бугарската историја“.

Дали ќе се игнорираат архивските документи од транскриптот на обраќањето на бугарскиот премиер Тодор Живков до ЦК на БКП од март 1963 г. по средбата со југословенскиот лидер Јосип Броз Тито, од кои се дознава дека Самуил во овој период станал неизбежен дел од политичките преговори во однос на „македонското прашање“.

Или, фактот дека Живков упатил на можните политички отстапки во однос на дел од историјата поврзана со Македонија, и тоа токму во однос на откажувањето од Самуил: „Во спротивен случај, ние треба да се откажеме од Пајсиј, бидејќи Пајсиј е Македонец, од браќата Миладинови, од Кирил и Методиј, треба да се откажеме од половината историја на Бугарија. Само цар Самуил можеме да им го дадеме“!

Дали нема да се спомнат политичките преговори меѓу Крсте Црвенковски и Тодор Живков, во која бугарскиот премиер иронично му одговорил на својот македонски колега „дајте да се разбереме – кажувам – со вас за таа измислица, дека во текот на средните векови постоела македонска народност, која потоа, во време на цар Самуил, прераснала во македонска нација и македонска држава.

За ваша информација, во средните векови не постоела ниту бугарска, ниту српска, ниту друга нација на Балканскиот полуостров. Тие многу покасно се формираат.

Да бидеме логични. Доколку ја прифатиме вашата конструкција, вашата концепција, ние треба да признаеме дека големо мнозинство од населението коешто сега живее во Бугарија, исклучувајќи ги Турците, Евреите, Ерменците, се Македонци.

Можеби ќе биде подобро и ние да се декларираме за Македонци, вие сте Македонци, да не се иритираме…“

Пропаста на политичките преговори во 1968 г. го означило почетокот на отворениот историографски конфликт за припадноста на цар Самуил, што, како што може да се види, бил тесно поврзан со решавањето на „македонското прашање“.

Македонско-бугарски политички преговори за Самуил се воделе и во минатото, но тогашното македонско раководство во ниту еден случај не се согласило на отстапки за средновековната историја, а посебно не за цар Самуил.

Самуловата држава несомнено ги рефлектирала аспирациите за државност, била восприемана како дел од државотворниот континуитет вграден во одлуките на АСНОМ и како таква преточена во македонскиот национален наратив создаван со децении.

Префрлајќи се во актуелноста на нашето современие, се навраќаме на прашањето како ќе се одбележува цар Самуил во Република Македонија во 2019 г.?

Евидентно дека моментниот политички сензибилитет го оневозможува помпезно најавеното заедничко одбележување на 1005-годишнината од смртта на Самуил на највисоко меѓудржавно ниво.

Причината е разбирлива – во тој случај македонските граѓани би го дознале конкретниот комисиско-владин договор за затворање на историските поглавја од средновековието, а со тоа би го осознале и променетиот идентитет на нивниот цар Самуил.

Со тоа ќе се дознаат и обидите за затворање на историските поглавја на македонизмот и отварањето на новите, кои согласно владините одлуки и комисиски протоколи, ќе се интерпретираат како дел од „заедничката“ (бугарска) национална историја.

Некој ќе каже дека наведените цитати од делата на македонските револуционери и интелегенција во изминатите повеќе од сто години, влегуваат во сферата на интерпретациите.

Меѓутоа, неспорен факт е дека станува збор за изворно регистрирани и автентични сведоштва кои ги рефлектираат историските традиции кои претставуваат составен дел од изградбата на македонската нација и се нераздвојно вградени во државните традиции на АСНОМ.

Владата и комисијата сепак ќе мора да им објаснат на македонските граѓани во име на кого и зошто се ревидираат традициите кои претставуваат дел од историјата на градењето на македонската нација.

И, зошто ќе се отстапи од вековната заложба на македонските револуционери и интелектуалци, за во независната македонска држава во 21 век, македонските граѓани да одбележуваат и изучуваат нечиј „друг“ цар Самуил, иако истиот бил нераздвоен синоним за Македонија и токму поради тоа станал објект на присвојување од балканските националисти по 70-те години на 19 век.

Дали со тоа се планира конечно да биде ставен крај на „македонското прашање“ и на македонизмот?! За овие прашања, како и зошто отсуствувале традиции за цар Самуил во османлиска Бугарија и како тој бил занемарен од бугарските преродбеници и револуционери и восприеман како казнет од Бога и омразен и туѓ Ерменец, во наредната колумна.

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје

SHARE