За жалење (не) се – Пишува Роберт Димитриевски

Заев кажа што кажа за БГНЕС и – никому ништо. Најголемиот дел од македонската јавност е скандализиран, помал дел си молчи како ништо да не ја засега, а минорен дел пробува да го релативизира искажаното од премиерот за бугарската агенција.

Тоа што го изрецитира за „администрирањето“ на Македонија од Бугарија во Втората светска војна, за заедничката, а не споделена историја според него, за Гоце Делчев, за македонското малцинство, не е големо изненадување од лидерот на СДСМ. Можеби некој ќе се изненади од неговата интерпретација на македонското минато во составот на СФР Југославија, која, смета тој, ги разделувала Македонците од Бугарите. Главно, нема место за претерано чудење од заевото лавирање во ставовите изнесени пред домашната јавност во однос на тие за „по надвор“.

Тоа што навистина зачудува до вџашување е молкот на огромното мнозинство негови сопартијци, следбеници, поддржувачи, симпатизери и гласачи. На прсти можат да се избројат тие што одвреме-навреме ќе пропелтечат нешто против неговите (не)дела. Безмалку на ниво на статистичка грешка.

Ваков ментален склоп да добие нов четиригодишен мандат за владеење со тоа што остана од Македонија пред тој и тајфата околу него да ѝ го сменат личниот опис до непрепознавање плаче за психоанализа. Вистински предизвик и за еден Фројд.

Баш ме интересира што би рекол тој за причините што ги (на)тера 327 илјади македонски избирачи повторно да застанат зад личност со, во најмала рака, контроверзни, а во поголем дел крајно спорни ставови за историјата, за идентитетските прашања и за што сè не. Одново и одново да му даваат доверба на човекот што се замислува дека е „од Бога даден“ за да си поигрува со тоа што им е (нај)важно на Македонците.

Можно ли е никому од најблиското опкружување на Заев да не му пречи тоа што тој го истресува кај стигне? Толку ли се замаени од привилегиите и од материјалните придобивки, па немаат проблем што нивниот шеф го измислува или го превреднува и омаловажува придонесот на нивните предци во создавањето и развојот на македонската држава?

Неподнослива е леснотијата со која дури и борци од Втората светска војна молчат, па дури и јавно му даваат поддршка на муртинецот, посебно пред избори. Тоа логично го наметнува прашањето дали можеби се каат што биле дел од Народноослободителната борба? И оти 25 илјади македонски жртви биле залудни, безцелно дадени?

Не помалку зачудува гласниот молк на едно чудо интелектуалци што направија кариери од „македонското прашање“, за што добија добро платени работни места по академии, институти, медиуми, како и станови и високи пензии потоа. Од што се уплашија? Дека ќе им ги земат на стари години општествениот статус, државните награди и привилегии? Не ли ги допира тоа што некој си го брише задникот со нивните трудови, дела што ги направиле тоа што се? Барем за момент не ли помислија дека го утнале животот?

Зарем животот се сведува само на полн стомак, на удобно живеалиште, на добра плата, на шетање? Дури и по цена на газење на личното достоинство и на вредностите за кои други не го жалеле ни сопствениот живот?

Животните удопства и самиот живот се најминливата можна категорија. Денес си, утре не си. Почитта и љубовта кон сопствениот (на)род, кон родната грутка, кон својата татковина, дедовина, се нешто трајно, нешто што нема цена. За жалење (не) се тие што не го сфатиле тоа и што мислат дека ќе се прошверцуваат низ животот и низ историјата на својата земја со раздавање на најсветото.

SHARE