Заев, Филипче и новата (не)нормалност – Пишува Роберт Димитриевски

Која е пораката од позирањето на Заев и на Филипче со нивните синови и со квадрициклите со кои ја „шпартале“ Беласица во вториот ден од новата година? Само празноглав или слеп послушник може да поверува во пораката од вториот во неговата објава на социјалните мрежи: „Времето кое го поминуваме со децата е најважно“.

Какви деца, какви бакрачи? Премиерот и министерот за здравство со фотографиите покрај скапите „играчки“ испраќаат мал милион пораки, но сите тие се сведуваат на една: „Ни се може“.

Другите би биле: „Вас ќе ве казнуваме за непочитување на мерките за заштита од коронавирус, ама носење маски и држење дистанца не важи за нас“, „Скенирајте вие фискални, ние ќе си возиме квадови од илјадници евра“, „Ќе ве лажеме дека новогодишните празници ќе ги поминеме во пижами, демек се отепавме од работа, а ние – трк на Беласица со децата“, „Да збрчиме по пет-шест кругчиња, ќе тркнеме и по вакцини. Башка, ене февруари кај е“, „Сте останале без работа во коронава, немате пари? Имаме ние и за вас, без гајле“…

Пи-арот ли ги учи вака или толку им сече, ама крајно време е некој да им каже дека ја утнаа работата. Во ситуација кога секојдневно десетици семејства губат свој близок во пандемијата на Ковид-19, кога за само една година бројот на невработени се зголеми за над 50 проценти, да им бркнуваш во око на луѓето со фотографии од уживање е невиден автогол.

Само неизживеани можат да помислат дека се вечни, отпорни на болести или на лош сплет на околности на професионален и секаков друг план. Само „оперирани“ од одговорност кон функцијата што ја вршат и од сочувство кон најголемиот дел од својот народ, кој одвај врзува крај со крај во ова зловреме, си дозволуваат да остават впечаток дека мува не ги лази за тоа што се случува околу нив. И како сето тоа што го прават од лично задоволство изгледа во очите на тие што немале таква можност или среќа во тој миг или воопшто во животот. За паланечкиот мачоизам што го промовираат не вреди да се трошат зборови.

Ова ли е тоа „едно општество за сите“, кое од уста не го вади Заев? Ова ли е таа нова нормалност што ја најавуваше Филипче додека нè затвораа и по 82 часа дома „за наше добро“?

Пу, јаз’к!

SHARE