„Моноетничкиот концепт кога партиите се обраќаат само на своите е поразен.  Во 2016 година СДСМ на изборите привлече десетици илјади албански гласови. Но, ова денес е посебен чин, ова е историја. Нашата визија е Северна Македонија, економска силна и стабилна држава и членка на ЕУ и НАТО“ – рече Заев во обраќањето по потпишувањето на договорот за коалиција со лидерот на БЕСА Билал Касами.

Тој на партиите од албанскиот блок им порача дека како победничка коалиција нема да дозволат да бидат уценувани:

„Што се однесува до другите албански партии и коалиции, сакам да ја уверам јавноста дека како победничка коалиција нема да дозволиме да бидеме уценувани и нема да прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Оние кои ќе сакаат да им се приклучат на победниците, ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално да учествуваат во владината коалиција“, изјави Заев на настанот во Музејот на современа уметност.