Премиерот Зоран Заев на првото обраќање до нацијата по недобивањето на датум за отпочнување преговори со ЕУ, најави дека на утрешната лидерка средба кај шефот на државата Стево Пендаровски ќе предложи одржување на предвремени избори – најбрзо што се може.

Сепак, и покрај новинарско прашање, тој одби да прецизира кога тие би се одржале и рече дека тоа зависи и од мислењето на коалиционите партнери, но и од опозициските партии.

Тој рече дека е разочаран и лут, откако вчера ЕУ лидерите не донесоа одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

„Ги завршивме сите наши обврски, а тие не. Ние сме жртви на историска грешка што кај нас предизвика голема огорченост, рече Заев, и додаде дека „тоа беше одлука на ЕУ заради нивни внатрешни работи, која не можевме да ја смениме“.

Заев рече дека се чувствува одговорен пред граѓаните.

„Предлагам организирани, брзи и предвремени избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот на нашата земја.“

SHARE