Ник Насев, Македонец од Австралија што се занимава со превод, повлекува паралела меѓу забраната на првото знаме по стекнувањето на независноста на Македонија и на Белорусија.

„Отсега ‘Северна Македонија’ ефективно го забранува јавното прикажување на нејзиното прво знаме и симболи по независноста. Единствената друга поранешна комунистичка земја што го сторила ова е Белорусија под Лукашенко“, напиша Насев на Твитер.

По осамостојувањето од некогашниот Советски сојуз во 1991 година Белорусија си го врати историското бело-црвено-бело знаме на Белоруска Демократска Република до 1918 година. Но, на предлог на тогашниот и сегашен претседател Александар Лукашенко, во 1995 година е организиран референдум на кој мнозинството гласа за враќање на модифицирана форма на знамето на Белорусија од времето кога беше дел на СССР. Оттогаш во употреба е црвено-зеленото знаме со орнаменти одлево.

Опозицијата ја оспори одлуката и продолжи да го користи бело-црвено-белото знаме на антивладини протести, а истото го прави и белоруската дијаспора. Но, Владата во Минск го забрани првото знаме од осамостојувањето на државата со тврдењето дека било поврзано со соработниците на нацистите во текот на Втората светска војна, иако Белорусија го користеше во првите четири години откога се одвои од Советскиот сојуз.