Заев купува време, “метлата” ќе одмора најмалку две недели

Соочен со сериозно незадоволство во партијата премиерот Заев нема конкретни имиња и функции кои што ќе ги “замете” метлата.

Листата не е готова ниту по слободните денови кои премиерот Заев ги искористил со другарите во странство.

Тврди дека веќе има план за измените во владата, но и денес не ги кажа имињата на функционерите кои ќе бидат сменети со операцијата метла.

Најавува дополнителни консултации и верува дека до почетокот на јуни ќе се знае кои министри ќе летаат од Владата, а до крајот на јуни ќе се знае судбината и на сменетите директори и заменици.

Најавува смени и во неговата партија СДСМ. Критериумите, тврди премиерот се јасни:

„Тоа се ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, тука е и непотизмот, антикорупциска тоа што го покажа…сите овие аспекти ќе бидат ќе бидат согледани”, вели премиерот.

Министрите не се плашат од смена. Мислат дека се безбедни затоа што добро работат.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски како и министрите Тевдовски, Филипче и Анѓушев кои се меѓу најзагрозените не очекуваат да бидат сменети.

За смена на министрите и функционери од ДУИ според вицепремиерот Османи не е надлежен Заев. За нив ќе решава Али Ахмети и партијата ако тоа го побара Заев.