Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставот на вицепремиерот Бујар Османи околу прифаќањето на измените на Законот за јазици препорачани од Венецијанската комисија, премиерот Зоран Заев вели дека владејачката коалиција заедно ќе ги утврди следните чекори поврзани со законско решение за јазиците.

„Дефинитивно нема да дозволиме да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат.

Секогаш сме биле конзистетни на изјавите и она што сакам уште еднаш да го реафирмирам во јавноста е дека многу убави работи се случија во последните две и пол години со кои што нашиот народ, сите етнички заедници, различни религиозни групи и секако различни културолошки наследства и сличности, успеа да се обедини во концептот на „Едно општество за сите“.

Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која не обедини“ потенцираше премиерот и додаде:

„Секако, како што рековме и претходно и така понатаму ние дадовме заеднички писма и дописи до Венецијанската комисија, Владата носеше одлуки, Парламентот го усвои претходно законот“, потсети Заев.

Тој рече дека на внимателен начин и во иднина ќе се одлучува бидејќи обединето и заедничко општество носи поквалитетен живот за сите граѓани во државата.

SHARE