Заев: Потписот на договорот е европско однесување и манири

Со потпишувањето на договорот со Грција, Македонија ќе испрати сигнал за европско однесување и манири во период кога Балканот раководи со ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев.

– Важно е што сето тоа се случува во период кога Балканот раководи со Европската унија, односно Бугарија претседава со ЕУ. Посебно сум среќен што на Западна Европа и испративме сигнали на европско однесување и европски манири, и дека како Балкан имаме целосно право да бидеме дел од Европа, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во Струмица.

Тој нагласи дека и пред склучувањето на договорот со Бугарија имало протести, но ништо не загубиле Македонија и Бугарија.

– Имаше протести и незгодни зборови пред да се склучи договорот со Бугарија. Откако го потпишавме договорот со Бугарија во Скопје, ништо не загуби Македонија, туку само добија Македонија и Бугарија. Така ќе биде и со Грција, рече премиерот Заев пред почетокот на претставата „Железната завеса“ во изведба на тетарот на Бугарската армија во Домот на културата во Струмица. Претставата ја проследи заедно со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Заев наведе дека договорот со Грција треба дополнително да ја мотивира Европа.

– Договорот со Бугарија ја разбуди Европа и ги насочи очите на Европа кон Македонија. Договорот со Грција треба дополнително да ја мотивира Европа и сите нејзини земји членки.
Во врска со очекувањата за покана за преговори за членство во ЕУ, премиерот Заев вели дека големите пријатели како Бугарија и други држави силно ја поддржуваат Македонија.

– Немаме отворени прашања со своите соседи, бараме шанса да добиеме датум за преговори. Тоа не значи членство во ЕУ. Европа веројатно ќе се реформира и ќе се подобрува, а ние ќе преговараме за да ги подобриме капацитете на институциите во Македонија и верувам дека ќе добиеме шанса да почнеме преговори со Европската унија, нагласи премиерот Заев.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева нагласи дека Бугарија како претседавач со ЕУ и Владата на нејзината земја работат на тоа Македонија да добие датум за преговори.

– Не случајно го поддржуваме решавањето на долгодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Убедена сум дека тоа ќе им помогне на двете држави и верувам дека до крајот на месецот ќе биде донесена одлука Македонија да добие датум за преговори, рече Захариева.