Одлуката да не се започнат преговори за пристапување во Европската унија со Македонија може да го доведе во опасност договорот за Преспа, бидејќи двата процеса се меѓусебно поврзани, предупреди премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот сервис на „Јуроњуз“.

„Постои поврзаност меѓу спроведувањето на договорот и отворањето и затворањето на поглавјата за интеграција. Особено за внатрешна употреба за некои случаи. Постои поврзаност, бидејќи нашите пријатели Грците прифатија дека можеме да го сториме тоа поради иднината што Северна Македонија ја има во Европската Унија.

И во овој контекст, не постои можност за имплементација на Договорот од Преспа.

Дел од него ќе се замрзне, бидејќи не е можно негово спроведување. Ќе се обидеме да имплементираме некои одредби, но двете се меѓусебно поврзани, бидејќи процесот на ротација на поглавјата значи дека ќе го предадеме нашиот национален суверенитет на Европската Унија“, вели Заев.

Премиерот во интервјуто истакнува дека за земјава не постои друга алтернатива освен ЕУ и дека европската перспектива е единствениот пат, пренесе МИА.

„Ако светлата од ѕвездите на знамето на Европската Унија се изгасат тогаш ќе падне мрак. А во мрак ќе се изгубиме. Затоа што, доколку има позитивен терен за радикализација, за враќање на национализмот, тоа ќе предизвика голема штета на целиот Балкан. И кога Балканот има проблем, тогаш Европа ќе има проблем“, истакнува премиерот во интервјуто за „Јуроњуз“ на грчки јазик.

Интервјуто на премиерот Заев предизвика низа реакции во грчките медиуми.

SHARE