Заев се пофали: Ќе ме паметат како лидер што го смени името

Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Заев во интервјуто потенцира дека во зависност од тоа како некој го гледа договорот, може да каже дека е добар или лош, но изразува верување дека сите ќе гледаат кон иднината и нема да има враќање назад.

– Ги имам следено внимателно ставовите на господинот Мицотакис, секако неговиот коментар дека договорот не е добар ни е познат. Договорот, веројатно ако гледаме низ призмата на двете земји можеби подеднакво не е добар или подеднакво е добар. Јас верувам дека сите заедно ќе гледаме напред, нема да се враќаме назад. Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион – вели Заев во интервјуто направено пред изборите во Грција и пред Мицотакис и официјално да стане премиер на земјата.

Игнорирајќи ги критиките во јавноста тој се фали дека го сменил името.

– Јас сум човекот овде во Македонија, кој ќе остане запаметен дека под негово лидерство е сменето името на нашата земја. Но, и како во едно семејство, некогаш во животот мора да направите одредени чекори, не толку среќни, не толку што ве исполнуваат, но заради добро на децата, за добра иднина на семејството, но и на соседството заедно ги правите ваквите чекори. Сега имаме нов пријател и стратешки партнер Грција. Зарем тоа е мала придобивка која што ја добивме? Тоа е голема работа за мене – вели Заев, пренесува МИА.

Премиерот во интервјуто говори и за точките регулирани со договорот, во однос на јазикот и словенските корени, вели дека во минатото „обидот да се промени и извитопери нашата историја без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО“, а во однос на Договорот од Преспа истакнува дека нашата земја има намера да ги исполни сите обврски.

– Во самиот договор има услови ако една од страните не ги исполни своите обврски, како постапува другата страна. Но, нашата намера е да ги исполниме сите обврски, секако или како две страни во договорот, но истовремено да гледаме уште повеќе напред од овој договор – вели премиерот.

SHARE