Заев со Груевски имал 4 средби за „бомбите“, тој не му верувал


Зоран Заев кој сведочеше денес пред Кривичниот суд ја кажа дека за незаконското прислушување дознал набрзо откако бил избран за лидер на партијата во јуни 2013 година, а во тој период за безбедносната политика во СДСМ бил задолжен професорот Зоран Верушевски.

„Тој беше претседател на партиска комисија. После примопредавањето на функцијата имав средби со претседателите на комисии. Тогаш Верушевски ме запозна дека прибавуваат информации за потребите на СДСМ и за креирање на нејзините политики“, рече Заев.

Документите биле во пишана и во аудио форма, појасни премиерот Заев пред Судот, и додаде дека само претседателот на партијата одлучувал со кого ќе ги сподели тие информации.

-Ваквите информации се достапни само на претседателот на партијата и тој одлучува со кого ќе ги сподели тие информации. Верушевски ми објасни како партијата ги добила тие материјали. Денеска ги познавам и двајцата “свиркачи”, но во тој период кога бев запознат со материјалите не ги знаев – рече Заев.

Истакна дека не знаел и не прашал од кого тие материјали се добиени, туку само дали тие се од инститициите на земјата добиени или надвор од неа. Верушевски му потврдил дека тие материјали се од институциите на земјава.

Тој истакна дека од тоа што поседувала партијата се прислушкувало од 2008 година до почетокот на 2014 година. Нагласи дека прислушкувањето било дело на УБК.

„Кога ги гледате и сопствените разговори увидувате дека ве прислушкувале без ПИ мерки и тоа лесно се препознава. Потврдувам дека моите разговори и смс пораки се вистинити. Ги потсетувам сите дека обелоденувањето го започнав преку објавен разговор со тогаш мојата малолетна ќерка“, потенцираше Заев.

Истакна дека “бомбите” биле посебно чувани, и само Верушевски и лидерот на партијата имале пристап до таа просторија.

„Јас ги селектирав тие материјали кои ќе се објават во јавноста, а само во два наврати тос го стори од мене овластено лице. Никој друг. Во тие материјали имаше и приватност. СДСМ не дозволи ниту една приватна “бомба” да биде објавена. Од тоа што на времето го поседувавме и што му беше дадено на СЈО во 2015 година беше над милион различни комуникации“, изјави Заев.

За “бомбите” дека ги поседуваме како инфо ги споделив со Груевски и ОЈО, а соопштив и во јавноста, истакна премиерот Заев.

„Груевски тогаш се шегуваше дека ние немало шанси тоа да го поседуваме, па одлучи тој да тргне во постапки за апсење на сите можни иматели на “бомбите”, па одлучив да ги споделам со јавноста. Со Груевски за “бомбите” имавме четири состаноци во неговиот кабинет. На тие средби му предочив наративно за неколку разговори за да докажам дека СДСМ навистина поседува такви докази. Тоа беа содржина на негови разговори. Меѓу нив беше и како тој тајно купува имот на Водно. Тој побара доказ, но јас не му дадов транскрипт или аудио материјал“,  изјави Заев.

Тој рече дека сите материјали останале во СДСМ, но никаде надвор од партијата, рече Заев не биле споделувани освен тие јавно објавените се до предавањето во СЈО. За “бомбите” кои беа објавени на Албански, Заев рече дека член на партијата помагал во превод на материјалите кои беа на албански јазик, пренесува Слободен печат.

SHARE