По објавувањето на третото продолжение во италијанскиотѕ „La Verita“ во кое е поместена и снимка каде што Бојан Јовановски – Боки 13 го споменува и името на Зоран Заев, реагираше и премиерот.

Имено од снимката може да се слушне како Боки 13 на Орце Камчев дека ќе се види со премиерот Зоран Заев и му вели:

„Знам јас што збори он, знам што сум зборел со него за тебе, што не знае никој“.

Во статус на Фејсбук, премиерот ги отфрла „лагите и бесмислиците“ на Боки 13 изречени со цел “ едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник“ и вели дека со Бојан Јовановски се сретнал само еднаш кога разговарале за хуманитарните активности на невладината на Боки 13.

„Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник.

Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај.

Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста.

Уште еднаш, ги повикувам сите истражни органи во целост, ама во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи.

Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично. Правдата доаѓа. Секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура.

Во изминативе повеќе од две години како премиер, сѐ што правам е само и единствено во корист и интерес на граѓаните на земјава. Бидете уверени дека на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“- напиша на ФБ премиерот.