Заевото „не у ЕАЕУ“ – Пишува Роберт Димитриевски

Богами, ептен дипломатска изјавана на Зоран Заев во врска со Евроазиска економска унија (ЕАЕУ). Не им паѓало ни на памет таква работа, како од пушка ќе одговори премиерот на „Северна“ на сугестијата од постојаниот претставник на Русија во Европска унија, Владимир Чижов. Па уште и директно ќе ѝ порача на Москва шефот на шефот на дипломатијата Никола Димитров дека се надевал оти таква покана нема ни да стигне?! А за тоа што не дошла, заслужна била некаква „одбранбена мембрана“ околу Владата, ќе објасни (веле)мајсторот на уникатни метафори од кои боли глава.

Со ваквата непоколеблива позиција, Заев гарант ќе го натера и францускиот претседател Емануел Макрон да се премисли за ветото за старт на преговори со ЕУ за Македонија и за Албанија. Чижов веќе се кае што на двете земји воопшто им спомна дека би можеле да најдат повеќе разбирање во ЕАЕУ. Во Кремљ, пак, сигурно до доцна во ноќта Путин, Медведев и Лавров расправале што ќе прават по овој тежок удар од Скопје. Не престанале да ѕвонат телефоните меѓу државните раководства на Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, кои смртно се уплашиле за својата бесцаринска унија и слободна трговија по потресот што им го предизвика историското „њет“ од Заев, како некогашното од Тито за Сталин.

Море Зоки, ако така се искажувал ставот дека „една мисла имаме, еден живот живееме, Македонија во ЕУ да е, секој да ја знае“, чуму ни е зградиштено покрај Вардар со натпис Министерство за надворешни работи (без „на Република Македонија“ што го избришавте)? На толку дипломати во него, „засилени“ со Никола и со (евро)интегративецот Бујар Османи, плус советниците Бојан Маричиќ и Дане Талески, никој ли не го поучи „прајминистеро“ како се општи со друга држава? И тоа не која било, ами најголемата во светот, членка на Совет за безбедност на Обединети нации, која меѓу првите ја призна земјава како Република Македонија, нешто што пред цунамито во македонската надворешна политика беше врвен приоритет.

Изрази од типот „на памет не ни паѓа“ и „се надевам дека нема да ни стигне покана“ не се ни за на пазар во Струмица и се навредливи и во Муртино, а камоли во Москва. Легитимно е правото на секоја суверена држава, па и на Македонија, колку и несуверено да изгледа во моментов, да избере дали и со кого ќе стапи во унија, а ако не сака со некого, си има начин како тоа да (му) го соопшти. Едноставно, недопустливо е со таков тон да му се обраќате на друг, во случајов и тоа како моќен субјект во меѓународните односи, дотолку повеќе ако од него сте барале и сте добиле поддршка за тоа што ви било важно – признавање на државноста и на уставното име.

Ова му е јасно и на приправник во дипломатијата и бесполезно е да се трошат зборови за да се докажува дека, посебно во таа област, си има утврдени норми на однесување и на изразување, кои не се менуваат со векови. Но, има ли капацитет да го сфати тоа некој што менува став по неколку пати на ден за една иста работа, освен за Русија, кон која речиси инстинктивно испраќа отровни стрели без око да му трепне?

Москва, сепак, совршено добро знае со кого си има(ме) работа, па не реагира(ше) како што би можела по протерувањето дипломати и по непримерените и непромислени изјави на претседателот на Владата во Скопје. Македонско-руските односи, како впрочем и тие со останатите народи и држави во светот, за среќа, не зависат од еден функционер или политичка гарнитура на власт, па ќе ги надживеат и Заев и компанија.

SHARE