Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во однос на Македонија е категорична дека нејзината земја никогаш не го негирала правото на самоопределување.

„Се разбира дека се одвива антибугарска кампања таму. И меѓу другото многу лаги се кажуваат: дека сме им го негирале правото на самоопределување. Тоа е исконско право на секој човек. Никогаш не сме им го негирале тоа. Таква кампања имаше пред потпишувањето на Договорот, а сега имам чувство дека е уште пожестока, зошто, згора на сè, ги очекуваат избори“, изјави вицепремиерката за БТВ.

„Лошо е што доста политичари во Република Северна Македонија си мислат дека на антибугарски бран се добиваат избори. Но, изборите поминувааат, соседите остануваат и тоа е мојата порака за нив. Никој нема да добие на долгорочен план со јазикот на омразата и со лажни вести“, додаде таа.

Захариева нагласи дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија на патот кон Европската унија.

„Пречка можат да бидат единствено самите тие“, порача шефицата на бугарската дипломатија. „Бугарија секогаш го поддржувала Скопје и условите за таа поддршка секогаш биле јасни. Што значи тоа дека ќе блефираме? Едногласно беше донесена декларација на Парламентот. Сè е јасно напишано“.

SHARE