Законот за јазиците, сепак излегува од европските рамки


На 25 страници, и со слична содржина како и начелното мислење објавено во петокот – Венецијанската комисија ги објави сите забелешки и препораки за законот за употреба на јазиците.

Клучни остануваат препораките во делот на правосудството и казнените одредби, но се додава дека предлог – законот излегува од предвидените европски рамки.

„Мислењето на Венецијанската комисија е дека во одредени области, законот оди предалеку со наметнување на она што се покажа како нереална правна обврска врз јавните институции. Особено во случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка за да бидат целосно спроведени“, пренесува Канал 5.

На голем дел од одредбите им недостасува јасност и прецизност бидејќи некои членови од законот се премногу општи.

Комисијата дава и забелешки за идејата за двојазични униформи и банкноти, за кои вели дека се надвор од европските рамки, но не и без преседан.

„Дури ни детално напишаната Европска повелба за човекови права, не предвидува такви обврски во врска со банкноти, монети, поштенски марки и униформи на една земја“, оценува Комисијата.