Заменикот министер за правда контра премиерот за бегството на Груевски

Заменикот министер за правда Оливер Ристовски во интервју за српскиот весник „Политика“ изјави дека ниту една соседна земја низ која поминал експремиерот Никола Груевски при бегството во Унгарија не била должна да го уапси, што е спротивно на изјавата на премиерот Зоран Заев од минатиот месец дека „останува отворено прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, тоа го дозволиле“.

„Точно е дека Србија немала никакви обврски да го задржи или да го уапси Никола Груевски кога тој поминувал низ нејзината територија, а факт е и дека за него не била распишана меѓународна потерница. Колку што ми е познато, ниту едно официјално лице од Владата на Република Македонија нема упатено критика на Србија, ниту побарало објаснување за тоа што Груевски не е уапсен. На новинарските шпекулации, на личните ставови на поединци и на написите на социјалните мрежи немам коментар. Повторувам, ниту една од соседните држави низ кои поминал Груевски пред да биде распишана меѓународна потерница не била должна, ниту смеела да го уапси за дела кои се направени во Република Македонија. Не знам зошто тоа вооопшто би било предмет на дискусија“, изјави Ристовски за „Политика“.

Заев, пак, за време на посетата на Струмица на 25 ноември го впери прстот кон Албанија, Црна Гора, Србија и Унгарија. 

„Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе ѝ бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија.

Останува прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, тоа го дозволиле и секако останува прашањето како тоа три земји членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и на НАТО, токму тоа се случува.

Но, затоа се истрагите, затоа се информациите кои што следуваат да бидат споделени со јавноста“, рече тогаш премиерот.

SHARE