Во текот на вчерашниот ден профил на Твитер, којшто важи за „бот“ близок на власта, објави фотографија на која се гледа синот на натпартиската кандидатка за претседател на Републиката, професорката Гордана Сиљановска Давкова.
На фотографијата се гледа момче додека свири кавал во Градскиот парк во Скопје, кое љубопитно го гледаат две дечиња.
Блиски луѓе на семејството велат дека синот на професорката е исклучително талентиран баскер музичар којшто свири на кавал за своја душа и за најблиските, но и има музичка група која настапува на повеќе јавни места низ градот.
На ваквиот непримерен упад во приватноста на трети лица и инволвирање на нејзините деца во валкана предкампања реагираше и професорката Сиљановска Давкова на својот Твитер профил.
„Зарем некој како мене кој бара укинување на привилегиите на политичарите, расипништвото и корупцијата ќе има семејство кое ужива во скапи коли, мотори, луксуз?! Горда на Павле! Брилијантен правник, умен, скромен, независен, воспитан, човечен“, напиша таа утрово на Твитер.
Зарем некој како мене кој бара укинување на привилегиите на политичарите, расипништвото и корупцијата ќе има семејство кое ужива во скапи коли, мотори, луксуз?! Горда на Павле! Брилијантен правник, умен, скромен, независен, воспитан, човечен. pic.twitter.com/Ef9kzoGYi8
— Гордана Сиљановска Давкова (@gogamkd) March 21, 2019
Предходно, со цел да го деградираат семејството, „ботовите“ на СДСМ ја обвинија Сиљановска Давкова дека додека таа се трка за претседателска фотелја, нејзиниот син наводно свири за пари на јавни места.
Го раѓаш, го растеш, го чуваш за да порасне и свири кавал за парички во парк, додека ти се тркаш за претседателска фотеља. Каква фамилија @gogamkd .. pic.twitter.com/AJtPJCRR2e
— Висока Планина (@velikanot) March 20, 2019
Инаку, синот на професорката Сиљановска Давкова е дипломиран правник за кој никој на Правниот факултет во Скопје не знаел дека е нејзин син во текот на студиите, исто како и за нејзината ќерка. Двајцата се невработени. Ќерката изработува филиграни, а синот којшто нема трајно вработување, зимава работел како ски-инструктор/борд-инструктор, се занимава со преведување книги, а изработува и предмети од дрво.
Иако професорката Сиљановска Давкова во нејзината реакција не тврди дека синот ѝ го сликале тајни служби, за дел од твитерџиите, оваа фотографија е доказ дека семејството на претседателската кандидатка е следено од тајни служби. Тоа ја отвора одново темата за следење на кандидатите и на нивните семејства, за што веќе зборуваше и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.