Заради муслиманите, ракувањето услов за данско државјанство?!

Данска ќе бара секој што зема данско државјанство да се ракува на церемонијата за натурализација според законот донесен денеска, за кој законодавците велат дека е наменет за муслиманите, кои од верски причини одбиваат да допрат припадници на спротивниот пол.

Законот предизвика силни реакции од некои градоначалници, кои мора да спроведуваат вакви церемонии и кои се вознемирени што ќе станат „лице и тупаница“ на политиката што ја нарекуваат непријатна, чисто симболична и ирелевантна за квалификациите на апликантот. Тие велат дека данскиот парламент, кој ја одобри оваа мерка, вештачки го унапреди обичајот во национална вредност.

„Ако пристигнете во Данска, каде што е обичај да се ракувате при поздравувањето, ако не го сторите тоа, тоа е непочитување“, вели Мартин Хенриксен, пратеник критички настроен кон исламот и портпарол на десничарската и антиимигрантска Данска народна партија. „Ако некој не може да направи нешто толку едноставно и лесно, нема причина да се стане дански државјанин“.

Тој рече дека законот, кој ќе стапи на сила на 1 јануари, е потребен поради „муслиманската имиграција во Данска веќе подолго време“, и додаде дека се надева оти таа ќе биде проследена со забрана за муслиманките да носат превези на церемониите за државјанство.

Министерката за интеграција Ингер Стојберг на Фејсбук напиша дека ракувањето е „видлив знак дека сте ја зеле Данска при срцето“.

Некои муслимански и еврејски групи им забрануваат или ги обесхрабруваат своите верници да ги допираат припадниците на спротивниот пол надвор од нивните потесни семејства.

Барањето за ракување, кое вклучува одредба дека носењето ракавици е неприфатливо, е најновата во серијата дански антиимиграциски мерки. Владата неодамна ги објави плановите за изолирање
на мал непристапен остров на одредени мигранти што сака да ги депортира, а Парламентот денеска одобри средства за проектот.

Летоска Парламентот забрани носење превез на лицето во јавност, иако истражувачите велат дека само околу 200 муслимански жени ја следат таквата пракса во Данска. Во 2015 година земјата драстично ги намали социјалните програми за барателите на азил, а законот усвоен во 2016 година им овозможува на властите да ги конфискуваат скапоценостите на мигрантите заради покривање на трошоците за нивните престој во Данска.

Данска не е осамена во овој поглед. Властите во Швајцарија и во Франција неодамна неодамна наведоа „недостиг од асимилација“ при недавањето државјанство на странци кои одбиваат да се ракуваат со официјални лица.

SHARE