Во контекст на изостанувањето на очекуваниот датум за преговори со Европска унија, политичкиот аналитичар Арсим Зеколи го впери прстот кон Владата на Заев за севкупните состојби во државата.

„Во секоја нормална држава Владата на Зоран Заев би морала да падне барем три или четири пати, и тоа само во последните четири-пет месеци. И тоа не поради (не)добивањето повик од ЕУ, туку поради досега најголемите скандали во историјата на независна Македонија, како што се компромитацијата на Специјалното обвинителство и директната вмешаност на соработници на Заев, па и тој лично. Негативниот став од Брисел е, сепак, виша сила, што не може да се каже за криминалните и корупциски скандали на неговиот кабинет“, вели Зеколи за српски „Данас“.

„Издвојувањето на Македонија (од Албанија – н.з.) поради промената на името е јасен политички критериум што не го зема предвид тоа што Владата на Заев не исполни никакви реформи“, додава тој.

Според поранешниот македонски амбасадор, Македонија и Албанија се првите жртви на „Брегзит“, бидејќи „Париз очигледно смета дека излегувањето на Британија од ЕУ отвора можност за јакнење на неговата позиција на Балканот во однос на Германија, на Британија и на САД“.