Згреши ли Франција со ЕУ блокадата за Македонија – пишува Катерина Климоска

На 14ти Јануари 2020 година, францускиот Le Grand Continent, Париз, објави текст за проширувањето на Европската унија и Францускиот non-paper, кој ви го презентираме во целост.

Проширувањето на Европската Унија и Францускиот Non-Paper

После недонесувањето одлука во врска со проширувањето на Европската Унија, на седницата на Европскиот Совет, одржана во Октомври 2019 година, Франција се соочи со жесток напад од поголем број на политичари, аналитичари, тинк-тенк организации, па дури и од надворешни актери.

Но, останува прашањето дали нападот беше оправдан или Франција со ова одигра клучна улога во гарантирање на стабилноста на Европската Унија.

Познато е дека после последните проширувања на ЕУ, со сега веќе земјите членки Романија, Бугарија и Хрватска, општиот заклучок беше дека методологијата според која се спроведува проширувањето на ЕУ не дава задоволителни резултати и мора да се утврди нов пристап во самиот процес.

Посебно, во оваа насока, прашањата околу владеење на правото, судството, корупцијата и администрацијата, се критични и предизвикуваат разочараност кај постарите членки на ЕУ.

Во овој момент Србија и Црна Гора се земјите кои ги имаат започнато преговорите за членство во ЕУ, и тоа Србија во 2014година(првата меѓувладина конференција), а Црна Гора во 2012 година. За жал, не би можело да се утврди некое посебно подобрување на животот на граѓаните во овие две земји, во периодот од почетокот на преговорите со ЕУ па до денес.

Како земји кандидатки за влез во ЕУ се Македонија и Албанија, за кои се очекуваше дека ќе започнат преговори во 2019 година. Приказната за ЕУ и Турција започна во 2005 година, без значителни резултати во текот на годините.

Одложувањето на одлуката по прашањето за започнување на преговори со ЕУ, за Македонија и Албанија, иако за многумина беше изненадување, за некои од нас беше очекуван чекор.

Имено, групата која ја сочинуваат Франција, Холандија и Данска, може да се опише како група на ЕУ членки кои се за контролирано проширување. Односно, за нив е важно, посебно за Франција, земјите кандидатки со кои се започнуваат преговорите да се потполно подготвени за тој процес, со цел да не се предизвика дополнително проблематизирање на функционирањето на ЕУ институциите, а со тоа и на целиот ЕУ проект.

Но, претпоставката е дека овие ЕУ земји не беа осамени во овој пристап на минатогодишниот Самит, па несигурноста околу донесување одлука била можеби присутна и кај уште некоја ЕУ членка. Но, она што е важно да се напомни, а беше злоупотребено во изминатиот период, е дека никој не употреби реторика на „не“ за проширување ниту некој изјави дека проширувањето е „мртво“.

Франција беше децидна дека најпрво мора да се промени методологијата на проширување, па да се донесе одлука. Доследен на својот став, Е.Макрон, Претседателот на Франција,на средбата со А.Пленковиќ, Премиерот на Хрватска, на почетокот на 2020година, го повтори истото: продолжување на проширувањето со променета методологија.

Во Ноември 2019 година, Францускиот non-paper за реформирање на процесот за пристапување во Европската Унија, беше презентиран. Францускиот non-paper започнува со зборовите: ја реафирмираме нашата недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Понатаму се истакнува дека земјите од Балканот историски, културно и географски припаѓаат во Европа.

Ова ги отфрла, како неосновани, нападите упатени кон Франција дека е против проширувањето. Новиот пристап кон проширувањето, според Франција, треба да се засновува на 4 принципи: постепено здружување, строги услови, материјални придобивки, реверзибилност (gradual association, stringent conditions, tangible benefits, reversibility).

Кога би се разгледал секој од предложените чекори во Францускиот предлог, може да се заклучи дека сите се во функција на создавање реални придобивки за граѓаните на земјите кандидатки, од самиот процес на проширување односно обезбедување на реално имплементирање на реформите кои треба да се направат, до конечен влез во ЕУ.

На овој начин и двете страни имаат бенефит: земјите кандидатки, а посебно нивните граѓани, добиваат реформирани системи налик на Европските, со што квалитетот на живот би им се подобрил; а додека ЕУ добива сигурност дека ќе добие потполно подготвена нова земја членка која во иднина не би можела да предизвика поголеми нови турбуленции во самата ЕУ конструкција.

Начинот на кој се одвиваше ЕУ проширувањето, до сега, може да се опише бирократско без поголема можност за конкретно влијание врз процесите кои се одвиваат во земјите кандидатки, а со тоа и без посебно влијание за обезбедување реално реформирање на системот на земјата кандидат, во европски.

На дел од нас, не ни беа јасни ни Извештаите на самата ЕУ Комисија околу процесот на проширување бидејќи кога би се погледнала содржината истата ве упатува на остварен прогрес кон ЕУ, а од друга страна самата реалност истото го негира.

Токму затоа, предлогот на Франција, во делот за посилно политичко управување (stronger political governance), е повеќе од добредојден. На овој начин не само ЕУ Комисијата, туку и самите ЕУ членки би ги разгледувале евалуациите, а улогата на Советот ќе биде зацврстена.

Наспроти она што некој сака да прикаже, Францускиот предлог нема за цел прекин на проширувањето, ниту нуди драстично менување на процесот на проширување, туку нуди негово подобрување и е во полза не само на ЕУ, туку и на Земјите кандидатки за ЕУ.

Она што е загрижувачки, е тоа што, дел од оние кои го критикуваа Францускиот предлог, излегоа со свој предлог нарекувајќи го „Норвешки модел“ во пристапот на проширување на Македонија и Албанија.

Со оглед на фактот дека Норвешка не е дел од ЕУ, тешко е да се разбере како критиките се упатени кон Францускиот предлог, во случај кога од другата страна се нуди предлог налик-Норвешка за Западен Балкан.

За среќа, согледувајќи ја својата непромисленост, овој т.н.Норвешки модел беше повлечен и беше дадено објаснување од предлагачите дека направен е превид (грешка).

Европа се соочува со многубројни предизвици, од Брегзит до порастот и влијанието на популистичките партии во ЕУ, проблемите со климатските промени, борбата со тероризмот, заштитата од надворешни влијанија во поткопување на ЕУ проектот, влијанието на САД, Кина, итн.

Дополнително Европската Унија, во овој момент, има проблем со владеење на правото кај дел од своите членки, но и се соочува со социјални немири на демосот (Demos) кој бара подобро и повеќе од политичарите.

Оттука, Европската Унија не може да си го дозволи луксузот и комоцијата на непромисленост во геополитичките чекори во која и да било сфера од своето делување, па и во делот на проширувањето. Прашањето околу границите на ЕУ не е затворено, бидејќи се уште сите земји кои се дел од географска Европа, не се и формално дел од европското семејство.

Секако, заокружувањето на ова прашање е од голема геополитичка важност за структурата на Унијата, заштита од надворешни влијанија и можниот нивен импакт врз ЕУ проектот, како и поради безбедноста на своите граници. Но, тоа мора да се направи со екстремна претпазливост.

Планирање на стратегиите само од чист геополитички аспект, не земајќи го во предвид и хуманиот човек- фактор, се покажало како лошо за реалноста на 21 век, но и за природата на ЕУ проектот. Затоа геополитичкиот пристап, мора да биде пропратен и со критички геополитички пристап.

Односно, мора да се има во предвид дека ЕУ проектот е единствен од таков вид и постои опасност доколку се води преку погрешна филозофија. ЕУ е семејство на држави кои имаат своја историја, култура, обичаи итн, здружени под круната на договорени заеднички вредности кои се темел на таквото заедништво: владеење на правото, демократија, човекови права, добро управување и сл.

Отсуство на почитувањето на заедничките вредности врз кои се темели ЕУ семејството, без разлика дали тоа е случај во земја членка или земја кандидат, секогаш е знак за потенцијален проблем за ЕУ во иднина.

Претседателот Макрон со својот „non-paper“ остана доследен на својата Иницијатива за Европа, за суверена, обединета, демократска Европа. Прашањето е дали и други ќе му се придружат во остварувањето на овој проект. Франција покажа вистинско познавање на балканскиот менталитет, кој денес е присутен во Македонија и во соседните земји, а не на менталитетот од минатиот век на кој можеби сеуште се повикуваат многу други од меѓународната заедница.

Благодарение на интелигентниот пристап на француската дипломатија, Макрон најде начин да го разбере Балканот-денес и согласно тоа, да понуди вистинско решение.

Во меѓувреме, додека сите во Европската Унија дискутираат за тоа кој е виновникотза незапочнување на преговори со Македонија во 2019 година, земјата се соочува со бројни проблеми: сè уште нема разврска за скандалот „Рекет“;се дебатира дали треба да се почитува или не извештајот на Венецијанската комисија; противуставен предлог за член на техничка влада;отсуство на мерит систем во администрацијата; недостатокот на високо рангирано универзитетско образование (светски/европски ранг листи) што е индикатор за сериозни институционални потешкотии; Скопје е меѓу градовите со најзагаден воздух во светот и сл.

Заклучокот е дека нов пристап во процесот на проширување е итно потребен; пристап кој ќе обезбеди трансформација на земјите кандидати во европски општества. До овој момент, таков развој сè уште недостасува.

Автор: Катерина Климоска
Превод: Џовани Колот

Францускиот Le Grand Continent, од минатата 2019 година,започна да ги следи случувањата на Балканот, а посебно во Македонија. Оригиналниот текст може да го најдете на следниот линк:

https://legrandcontinent.eu/fr/2020/01/14/lelargissement-de-lunion-europeenne-et-le-non-paper-francais/

SHARE