Поранешниот градоначлалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, на Фејсбук ги коментираше денешните пресуди за предметот „Шамари во Центар“ за настанот што се случи во 2013 – та година за време на неговиот мандат на чело на Општината:

„По 7,5 години од бруталните инциденти и по 3,5 години поминати во судски процеси, денеска правдата ја победи неправдата.Има работи во нашите животи за кои сакаме и за кои не сакаме да зборуваме. Секој од нас, кои тие два дена од јуни 2013-та година ги доживеа насилните протести, дводневната опсада, заканите по живот, демолирањето на општинските бараки и искршените прозорци, носи трауми и последици во себе за кои не сакаме да зборуваме. Некои од нив, сфатив подоцна, ќе останат засекогаш како трајни последици. Режимите, најчесто, тоа и го прават, зарем не?Сега е веќе јасно дека единствената причина за тогашните протести не беше грижата на Груевски за црквата “Свети Констатин и Елена”, туку грижата и стравот дека ќе се стопира изградбата на другите објекти од криминалниот проект “Скопје 2014” кои беа од негов и нивен интерес. Поништувањето на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ претставуваше директна закана за опстојувањето на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери.Иако постојано и во целост ги демантирав тврдењата кои доаѓаа од Белата палата дека имаме намера да рушиме цркви, нивнатата партиско-медиумска машинерија не ги објавуваше моите изјави дека се работи за груба манипулација со чувствата на вистинските верници и дека целото договорено сценарио е масло на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.Во овој предмет, впрочем, имаше и две признанија на вина на почетокот на судскиот процес од обвинети кои во периодот на протестите беа советници во Општина Центар“ пишува Жерновски и додава:

„Во мојот живот, никогаш не сум посакувал нечиј татко или нечија мајка да оди во затвор, најмалку поради мене. Никогаш не сум барал среќа во туѓа несреќа. Така е и денеска, кога ја слушнав пресудата.

Меѓутоа, Никола Груевски, како поттикнувач на насилствата пред Општина Центар, заслужи да биде казнет.

Верувам и ќе се борам за тоа казната да ја отслужи во македонските затвори“ порача Жерновски.

„Останатите инволвирани во насилствата, нека извлечат поука. За себе и за другите.Оваа пресуда и казна, за мене, е важна за да испрати порака до сите дека никој не е над законот, но и да се одвратат сите други кои имаат или ќе имаат такви намери да го сторат тоа во иднина.

“Ниту еден човек не е над законот и ниту еден човек не е под него,” напиша Жерновски на Фејсбук.

https://www.facebook.com/andrej.zernovski
SHARE