Жесток политички реваншизам на Владата кон „Киненова“

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова Скопје“ се соочува со сериозен политички притисок од власта откако на своето минатогодишно издание го емитуваше филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи.

Киненова годинава е целосно бојкотирана од институциите со кои соработуваше до лани: Агенцијата за филм и Град Скопје.

Филмот на Бојаџи со кој беше отворен Киненова 2019 предходно беше забранет од Министерството за култура а јавно беше нападнат и од премиерот Заев.

Интегралното соопштение од Киненова

Почитувани,

Со жалење сакаме да констатираме и да ја известиме јавноста дека цензурата во Македонија продолжува во жестока форма да ја гуши културата и уметноста.

Имено, на Агенцијата за филм оваа година реши да се придружи и Град Скопје, чија комисија донесе одлука оваа година комплетно да ја укине поддршката за Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Скопје, со што очигледно сакаат да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци кои стојат зад истиот.

Укинувањето на финансиите или неподдржувањето на МФФ Киненова за 2019 година, или за четвртото последователно издание на фестивалот, зборува за систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинивање на слободата на уметничко изразување и искажување на слободен уметнички и ангажиран став. На овие две иснтитуции секако се надоврзува и Министерството за култура, под чија капа е Агенцијата за филм.

Сето ова ни дава за право да се сомневаме дека домашните институции, особено Агенцијата за филм и Министерството за култура како најповикани, сакаат да спречат и да уништат било каква независна институција која има свој слободно изграден став и одлучуваат самосвојно, врз основа на високо изградените филмски критериуми во однос на филмската уметност.

И покрај силните притисоци не само за време на отворањето, туку и во текот на целото трето издание на фестивалот минатиот октомври, кога до последен момент беше доведено во прашање неговото одржување, и покрај заокружената програма, поканетите гости, соработката со странските фондации кои ни пружија рака и ни дадоа доверба, и сето она што „КинеНова“ го изработи за публиката да добие квалитетно издание, на крајот го издржавме предизвикот затоа што сметавме дека филмот е уметност која треба и мора да зборува гласно против неправдите, токму оние истите, кои деновиве ги доживуваме со комплетниот бојкот и неподдршката од страна на државните институции.

Истите тие треба да се свесни дека тоа се сепак пари од страна на нас, граѓаните, даночните обврзници, и истите треба да се поделат рамноправно, според квалитетот на понуденото, а не по принципот на приватни дуќанчиња за задоволување на личните интереси.

„Киненова“ е нова ѕвезда на македонското фестивалско небо, со нов, оригинален концепт кој ги надминува застарените концепции на останатите слични фестивалски содржини од ваков тип, и токму затоа сметаме дека истиот требаше и мораше институционално да биде поддржан!

Имено, силно се сомневаме и имаме индиции дека фестивалот е, и ќе биде бојкотиран заради цврстата одлука која ја донесе Управниот одбор на фестивалот Киненова за да го прикаже деби филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи на отворањето на изданието во 2018, и покрај силните притисоци и обидот за цензура кои ги вршеа врз јавноста и организацијата на фестивалот Министерството за култура и Агенцијата за филм, кои на крајот излегоа на виделина.

Ова го поткрепуваме со штурото објаснување дека проектот Киненова Скопје е одбиен заради тоа што не ги исполнил очекувањата како програмски, така и организациски.

Како потсетување, „Киненова“ на минатогодишното издание ја имаше најбогатата програма досега, со вкупно 72 прикажани филмови од најновата светска филмска продукција.

Речиси сите програми на фестивалот беа оригинални, неприсутни на ниту еден друг фестивал во Македонија, како на пример, програмите: „Бергман како дебитант“ – проект кој беше дел од прославата организирана од страна на Шведската влада по повод одбележувањето на големиот јубилеј „100 години од раѓањето на големиот шведски филмски режисер Ингмар Бергман“ и во склоп на која беа прикажани филмови за прв пат во Македонија; потоа, програмата „Балканската аудио – визуелна уметност како важно европско културно наследство“, програма директно поддржана од Европската Унија, и многу други. Сакаме да информираме и дека 95% од фестивалската програма минатата година, а и за сите останати изданија на Киненова, е составена од филмови кои за првпат се прикажуваат во Македонија и не се постари од 20 месеци.

Дополнително сакаме да информираме за каков квалитет на фестивал се работи со податокот дека фествалот до сега е поддржан од десетици амбасади и неколку големи светски фондови и фондации. Фестивалот за прв пат во земјата ги претстави: современата грчка кинематографија, потоа, современата венецуелска кинематографија, соверемената норвешка кинематографија, и многу други проекти.

Како додадена вредност на фестивалот се и активностите за подигнување на нивото на општествена одговорност преку кои фестивалот директно им помага на ранливите групи на граѓани, а минатата година конкретно на децата со посебни потреби преку работилницата за анимација.

Фестивалот додаде вредност и во образовниот процес преку организирање на филмска работилница за развој на сценарија за млади сценаристи и со тоа секоја година дирекно придонесува во подигнување на филмската култура во земјата.

А дека се работи за тенденциозено и субјективно однесување и евалуирање на проектите говори и фактот дека, иако критериумите на конкурсот се: ставање на македонската кинематографија во меѓународен контекст, промовирање на филмската култура во земјата, европската димензија на програмите, реномето на фестивалот итн, тие очигледно не се земени предвид бидејќи фестивалот комплетно ги исполнува и дури и надминува истите, но бодувањето за овие критериуми е минимално.

Од друга страна, ќе наведеме дека овие две години поддржани се настани кои биле непостеоечки или кои за прв пат конкурираат, а за споредба, Киненова со три меѓународни и програмски квалитетни последователни изданија, не е поддржан!

Потоа, поддржувани се, па дури и наголемена е поддршката за фестивали кои немаат вистинска филмска профилација или не се професионални настани, туку се бават со други области користејќи го филмот само како посредна област, а повеќето од истите не прикажуваат филмови ниту на минимум технички стандарди за прикажување, за разлика од фестивалот Киненова, каде 95% од проекциите се со највисоки ДСП стандарди за прикажување на филмови.

И уште сакаме да ја информираме јавноста дека најголем дел од средствата со кои фестивалот е подигнат и е стигнат до ова ниво се лични влогови на основачите или од странски фондови, а фестивалот е искрен подарок за филмските работници и целата публика и јавност во Македонија, кои силно го поддржаа и препознаа оригиналниот концепт кој го нудиме, глорификација на првите и вторите остварувања на филмаџиите ширум светот, новите сили во филмската уметност.

И на крајот, Ве ја информираме публиката, вистинските филмски љубители и познавачи дека без разлика на се, нема да дозволиме да бидеме спречени и фестивалот ќе се одржи и оваа година.

Срдечно,
Меѓународен филмски фестивал „Киненова“ Скопје

SHARE